Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРомео: Нападот на Собранието е повреда на демократијата и народот

Ромео: Нападот на Собранието е повреда на демократијата и народот

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Џафери денеска се сретна со амбасадорот на Италија во Република Македонија, г. Карло Ромео.

На почетокот на средбата, амбасадорот Ромео му се заблагодари на претседателот Џафери за можноста да разменат мислења и искуства за соработка, и му ја честиташе новата функција воедно истакнувајќи дека една од причините за денешната посета е и да ја врачи честитката упатена од страна на претседателот на Италијанскиот Сенат.

Претседателот Џафери го информираше амбасадорот за последните настани во Собранието на Република Македонија, во врска со формирањето на работните тела, Комитетот за меѓуетнички односи, постојаните делегации и пратенички групи за билатерална соработка со другите парламенти, со што ќе се овозможи законодавниот дом да работи со потполна функционалност и со одговорност да ги извршува своите задачи на национално и меѓународно ниво.

Меѓу друго, тој потенцираше дека Собранието ќе биде транспарентно, со што седниците ќе може да бидат следени од страна на јавноста со можност за пријавување на заинтересираните граѓани на веб-страницата на Собранието на Република Македонија.

Соговорниците разговараа за политичката ситуација во земјата, и за настаните на 27 април при што амбасадорот Ромео истакна дека тоа што се случи е многу сериозно и истовремено е повреда на демократијата и народот.

Претседателот Џафери подвлече дека немилите настани треба да се остават зад себе и да служат како историско паметење и поттик за новите генерации да гледаат напред и да се фокусираат во подобрата заедничка иднина на земјата.

Во текот на разговорот беше укажано дека во овој период на транзиција е од особена важност соработката и конструктивното вклучување на опозицијата, чија поддршка е добредојдена за спроведување на реформите кои се во корист на сите граѓани на Република Македонија. Во оваа насока, претседателот Џафери ја истакна важноста на воспоставување на комуникација меѓу сите пратеници и да се почитува и спроведува Деловникот за работа на Собранието.

Амбасадорот потенцираше дека Италија, како земја која ја има поддржано Република Македонија од нејзината независнот, во континуитет ќе ѝ пружа институционална поддршка и на нејзините аспирации во патот кон зачленување во Европската Унија и НАТО.

На крајот на средбата, претседателот Џафери, му се заблагодари на амбасадорот Ромео за неговата посета изразувајќи задоволство и подготвеност за понатамошно продлабочување на заемна соработка.