Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРодителите на децата со посебни потреби кампуваат пред Собранието – итно да се создадат услови

Родителите на децата со посебни потреби кампуваат пред Собранието – итно да се создадат услови

Со тридневно кампување пред Собранието на Република Македонија родители на деца со посебни потреби ќе се обидат да го свртат вниманието на политичарите за нивните деца да станат видливи за нив. Родителите бараат да се донесат системски решенија за да се олесни и животот и на децата и на семејствата.

– Кампуваме пред совеста на сите што можат да направат нешто за нашите деца, за при очи да видат и при уши да не слушнат, ако сакаат да дојдат да не видат. Ние не сме против никого, во ова нема политика. Има закони кои нормираат услови за нашите деца, но некои од законите за жал се само на хартија – изјави Зоран Мијалков, од здружението „Сплотени срца“, организатор на протестот.

Дел од барањата се да се обезбеди грижа за децата со посебни потреби по смртта на родителите, квалитетни здравствени испитувања, соодветна терапија за лекување и олеснување на животот, здравствено осигурување по наполнети 26 години. Тие бараат стручен кадар во Центрите за деца со попреченост во развојот, квалитетна терапија, инклузија во образованието. Родителите велат дека недостига вистинска инклузија на овие деца во образовниот процес, нема доволно дефектолози, а наставниците се оставени сами на себе.
protest deca so posebni potrebi 1
На протестот се појави и министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, кој вети решенија за проблемите.

– Барањата ми се доставени. Од мене како министер има подадена рака. Верувам дека наредниот месец ќе имаме заедничка средба со претставниците на здруженијата. Ние, како министерство, ќе ги поминеме на Влада сите тие измени, но мора да чекаме да се формира Собранието за да продолжи постапката. Барем оваа Влада посвети посебно внимание за зголемување на посебниот додаток за овие лица – рече Ибрахими. Во сабота во 15 часот родителите ќе заминат од пред Собрание.

– Ќе исчистиме се, нема ниту тревата да оштетиме, град Скопје да биде среќен – изјави Мијалков.

Вакви кампувања се најавуваат за секој месец, се додека не се исполнат барањата.