Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРочиштето за „Таргет“ и „Тврдина“ одложено за 17 јануари

Рочиштето за „Таргет“ и „Тврдина“ одложено за 17 јануари

Судењето за случајот „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО денеска се одложи за 17 јануари следната година бидејќи не беше присутен Миле Петровски, еден од адвокатите Сашо Мијалков и на Гордана Јанкулоска.

Како што кажа судијката, Ленка Давидкова, Петровски го известил судот пред два дена дека не може да дојде бидејќи ќе присуствува на рочиштето за случајот „Труст“, за кој од претходно се закажани 10 рочишта, а од кои едно е денеска и тоа во исто време.

Адвокатите Љупчо Шврговски и Петар Василев рекоа дека судењето е одложено поради процесни пречки.

Инаку ова е прво појавување на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во суд како обвинети во случаи на СЈО. Нивните адвокати, Љупчо Шврговски и Петар Василев, до судот доставија листа на докази и материјални докази кои бараат да бидат изведени на главната расправа. Адвокатите доказите ги доставиле во еден примерок, а во текот на денот ќе достават уште еден за судот и за СЈО.

На излегување од судот, прашан какви докази поднеле, Мијалков кратко рече дека уште е рано за тоа.

Во случаите за нелегалното преслушување, „Таргет“ и за уништување на опремата на прислушувањето, „Тврдина“, обвинети се 12 лица, меѓу кои Горан Грујовски и Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција и, според информации судот во Солун, треба денеска да се одлучи дали ќе бидат екстрадирани во Македонија.

Инаку, еден од обвинетите од „Таргет“ и „Тврдина“ и е Владимир Варелов, за кој пред неколку месеци медиумите пишуваа дека екс-началникот на Петата управа, Грујовски го користел неговиот идентитет за да патува во странство.