Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСветРим ја доби првата жена градоначалник

Рим ја доби првата жена градоначалник

Вирџинија Раџи, кандидатка на Движењето пет ѕвезди (M5S), кое го предводи познатиот италијански блогер и сатиричар Бепе Грило, избрана е за првата жена градоначалник на главниот град Рим, нанесувајќи ѝ тежок удар на Демократската партија (PD), од левиот центар, на премиерот Матео Ренци, покажуваат прелиминарните резултати објавени денеска.

Според податоците што ги објави министерството за внатрешни работи, по преброените 99,8 отсто од избирачкиот материјал во Рим, кандидатката на М5Ѕ добила 67,2 отсто од гласовите, а нејзиниот противкандидат од Демократската партија Роберто Џакети освоил 32,8 отсто, и веднаш го призна поразот.

Во кусото обраќање 37-годишната Раџи ја поздрави одлуката како „историски момент“ за Рим, бидејќи жена првпат е избрана на местото градоначалник на Вечниот град. Оваа мајка на малолетен син, која зборува и англиски, француски и шпански јазик, дипломирала на римскиот универзитет Roma Tre, а од 2006 година работи како адвокат. Од март 2011 година се вклучува во движењето M5S, а две години подоцна беше избрана во градскиот совет на Рим, каде се занимаваше со прашањата на образованието и екологијата.

„Новата ера започнува со нас. Ќе работиме за да ја вратиме законитоста и транспарентноста во градските институции“, порача Раџи.
rim gradonacalnickaВо Италија во неделата се одржа вториот круг од локалните избори во 126 општини во коишто на избирачките места гласаа речиси 9 милиони Италијанци, а Движењето пет ѕвезди победи на изборите во Торино, додека Милано и Болоња се утеха за премиерот Матео Ренци, бидејќи во овие два града Демократската партија успеа да се одржи на власт. Во Неапол, според очекувањата, градоначалник стана независниот градоначалник Луиџи де Маџистрис.

Поразот на Демократската партија во Торино, кое е традиционален бастион на левиот центар, претставува најголем шок за Ренци. Таму, ветеранот со големо влијание во партијата, поранешен министер и кој последните пет години го водеше градот Пјеро Фасино, со голема разлика (54,5 наспроти 45,4 отсто од гласовите) го победи младата 31-годишна кандидатка на M5S, Кјара Апендино.

Ренци соопшти дека нема да се повлече, без оглед на неделните резултати. Тој веќе со седмици се обидуваше да ја минимизира важноста на овие избори, повторувајќи дека „мајката на сите политички битки“ ќе се одржи на референдумот за неговата уставна реформа планиран за октомври. Ренци вети дека ќе поднесе оставка, доколку реформите не минат на референдумот.

Поразот на премиерот во Рим и во Торино укажува на тоа дека би можел да има тешкотии да ја привлече нацијата зад себе, а опозициските партии се подготвуваат да ја отфрлат неговата уставна реформа, за која Ренци тврди дека ќе ја врати стабилноста во Италија.

Движењето пет ѕвезди, основано од сатиричарот Бепе Грило пред седум години, досега владееше само во неколку средни градови. Според коментаторите, неговите успеси во метрополите, како Рим и Торино, и солидните поддршки за кандидатите во другите големи градови во кои се гласаше во неделата, укажуваат дека М5Ѕ има добри шанси на националните избори во 2018 година.