Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаRenault: Објавени цените на новата генерација „Megane“

Renault: Објавени цените на новата генерација „Megane“

Од 1-ви декември Renault стартува со нарачки за новата генерација на Megane. Ценовникот за францускиот пазар стартува од 18.200 евра за TCe 100, топ-моделот GT со 205 КС чини 31.900 евра.

Кратко по премиерата на салонот во Франкфурт стартува продажбата на компактот на Французите. Од 1-ви декември, француските купувачи ќе можат да го нарачуваат новиот Megane, со стартна цена од 18.200 евра и бензински мотор со 100 КС, во основното ниво Life. Во ова ниво, Megane е стандардно опремен со клима уред, диодни дневни светла, електрика на предните прозорци, еко-програма, магленки, радио со дисплеј од 4,2 инчи со 4 звучници и говорна команда, усб, темпомат, диодни трепкачи во ретровизорите, електрика и греење на ретровизори и мултифункциски кожен волан. Во основното ниво се достапни уште дизелските модели dCi 90 и dCi 110, со цена од 22.100 и 23.400 евра.

Следно ниво е Zen, дополнително опремено со паркинг сензори назад, предупредување при промена на лента, двозонска автоматска клима, радио со дисплеј на допир од 7 инчи, електрика на сите прозорци и алу-бандажи од 16 инчи. Megane TCe 100 во ова ниво чини 21.000 евра, а дополнително е достапен и Energy TCe 130, со цена од 23.200 евра. Нивото Business додава паркинг сензори назад, различен дизајн на алу-бандажите од 16 инчи, мултимедиски систем R-Link 2 со навигација и ретровизори со електрично собирање. Цената: 21.400 евра за TCe 100.

renault-megane1

Нивото Intense е втора алтернатива за „надградување“ над Zen, со паркинг сензори напред, предупредување при премало растојание од возило напред, камера за рикверц, електрична паркирна сопирачка, систем за самостојно запирање при опасност од судир, алу-бандажи од 17 инчи, диодни предни светла, приспособливо подвозје Multi-sense, мултимедиски систем R-Link 2 со навигација и комбинација од кожа и платно на седиштата. Моторите достапни во ова ниво се TCe 130 (25.400 евра) и дизелите dCi 110 (27.600 евра) и dCi 130 (28.800 евра).

GT со активно подвозје и управување на 4 тркала

Врвното ниво е GT, за когошто ексклузивно се нудат моторите TCe 205 и dCi 165, обата комбинирани со менувач со двојна спојка. Бензинскиот топ модел чини 31.900 евра, додека цената за дизелот ќе биде позната во првиот квартал од 2016 година. Megane GT доаѓа дополнително со спортско подвозје, спортски детали во каросеријата, бандажи од 18 инчи, алуминиумски детали во воланот и алуминиумски педали, активно подвозје Multi-sense вклучувајќи управување на сите тркала 4Control, спортска програма RS Drive, спортски седишта со алкантара, греење на предните седишта, систем за брзо стартување и перфорирана кожа на воланот.