Tuesday, Nov 21, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаРеформи во јавната администрација ќе има, но откако ќе се направи анализа

Реформи во јавната администрација ќе има, но откако ќе се направи анализа

administracija

На реформите во јавната администрација треба да им претходи детална анализа, сметаат упатените. Според нив, потребни се стручни луѓе кои на тој начин ќе бидат помалку подложни на политички притисоци и ќе работат во корист на граѓаните, пишува „Радио слободна Европа“.

Стратегија за реформи во јавната администрација најавија властите, но, според упатените, најпрвин е потребна анализа со цел да се утврдат состојбите. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истовремено најави и реформи и дека се работи на функционална анализа на регистарот на вработени во јавната администрација со цел нејзина реорганизација. Според него, до крајот на годинава ќе се знае точниот број на вработени.

Народниот правобранител Иџет Мемети во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе се емитува в недела вели дека е потребна длабока и функционална анализа на состојбите во јавната администрација.

„Секогаш политичките партии кога доаѓаат на власт најлесно тоа го злоупотребуваат сакајќи да им најдат место на партиските послушници во јавната администрација. Тоа било и се уште е рак рана и за партизација, но и за неефикасност на работата на јавна администрација. Сето тоа го плаќаат граѓаните, затоа што не добиваат квалитетни услуги, туку селективни услуги, се мачат низ разни управни лавиринти и итн“, вели Меџити.

Според Мемети, реформите ќе ги коментира откако тие ќе бидат познати во јавноста. Универзитетскиот професор Темелко Ристески посочува дека првично се прави анализа врз чии наводи се доаѓа до заклучок што треба да се превземе и па потоа да се пристапи кон реформи.

„Непопуларно е да се отпуштаат луѓе од работа, но со оглед на прекубројната администрација решението може да се бара со прераспределување на вработените онаму каде што ги нема“, смета Ристески.

Тој додава дека јавната администрација мора да биде сочинета од стручни луѓе кои ефикасно ќе ја извршуваат својата работа.

„Значи административниот службеник кој е експерт во својата област и добро си ја познава работата, тој е помалку подложен на политички влијанија. Тој размислува за иднината кога некој утре ќе му каже како вие господине можевте да дадете таков совет и да донесете такво решение. Тогаш тој тешко би се впуштил да работи нешто што е против законот и е по политичка волја“, додава Ристески.

Премиерот Зоран Заев неколкупати изјави дека ниту еден вработен нема биде отпуштен од администрација ако работата си ја вршел професионално. Во извештаите на Европската Комисија за напредокот на Македонија постојано се наведува дека клучна реформа во јавната администрација е нејзина професионализација и деполитизација.