Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРеални се заканите за обновување на бегалската криза, оцени Нухиу

Реални се заканите за обновување на бегалската криза, оцени Нухиу

Мигрантската криза е една од најголемите кризи со кои се соочуваме по Втората светска војна. Земјите од регионот кои лежат на Балканската мигрантска рута потребно е да соработуваат за справување со неа, особено со оглед на заканите од можно повторување на бегалскиот бран, беше истакнато на дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ што се одржа во Скопје.

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу ја поздрави успешната соработка со МАРРИ и со соседните земји и воедно нагласи дека во справувањето со огромниот број лица кои транзитираа низ Република Македонија, националните институции беа на висина на задачата и успешно одговорија преку обезбедување мирен транзит, а притоа не беше нарушена безбедноста на македонските граѓани.

– Иако оваа тема не зазема исто место на агендите на регионалните и меѓународните собири како што беше пред една година. Сепак, треба да признаеме дека заканите се објективни и можноста за повторување се реални, па затоа сите заедно треба да бидеме подготвени да пружиме сеопфатен регионален одговор под закрила на нашите партнери од ЕУ, посочи Нухиу.

Амбасадорката на Србија како земја актуелен претседавач со иницијативата Душанка Дивљак Томиќ истакна дека како транзитна земја која се наоѓа на средината на Балканската рута е една од оние земји кои се најосвестени за овој проблем.

– Од МАРРИ како уникатна иницијатива очекуваме да обезбеди не само стручна помош, планирање заеднички акции туку и конкретен придонес за создавање конкретни акциони планови, како и поддршка на координацијата и импелментацијата со постоечките механизми на сите учесници на МАРРИ. Од партнерите на МАРРИ очекуваме да ги вложат своите напори и да ги понудат најдобрите решенија за мигрантската криза, рече амбасадорката Дивљак Томиќ.

Според неа, дали МАРРИ ќе ја потврди својата важност како нужен механизам за координација и стручна соработка во делот на миграциите и ќе придонесе за јакнење на регионалните иницијативи, од клучно значење е продолжувањето на реформскиот процес.

За буџетот за МАРРИ Иницијативата за 2017 година се предвидени 500.000 евра. Во јуни годинава треба да биде усвоена и стратегијата за 2017-2020 година. Следен претседавач со иницијативата е Албанија.