Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРазрешувањето на Зврлевски поместено за попладне

Разрешувањето на Зврлевски поместено за попладне

Наместо во 11 часот, како што утрово првично беше најавено од стручните служби на Собранието, првата пленарна седница денеска ќе почне во 15 часот, пишува „Мета“. Според новото соопштение од Собранието, распоредот за работа нема да се смени – првин ќе се одржи продолжението на 8-та седница, на чиј дневен ред се 12 точки, меѓу кои и изборот на заменици на генералниот секретар на Собранието, но и измените на законот за зголемување на минималната плата.

Потоа пратениците ќе го почнат 13-то продолжение на 6-тата седница, на кое би требало да се гласа за разрешувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.
Претседателот на парламентот вчера најави дека денеска ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Зврлевски, откако попладнето пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

Илија Димовски вчера изјави дека таквото постапување е спротивно на Изборниот законик. Денеска за „Мета“ тој најави дека ќе уследат повеќе реакции од ВМРО-ДПМНЕ „за грубо кршење на законот“.