Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРаспитот одложен, Јанкулоска бара увид во доказите

Распитот одложен, Јанкулоска бара увид во доказите

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска беше повикана на распит во Специјалното јавно обвинителство, каде што се задржа само половина час.

Како што рече Јанкулоска, таа и нејзиниот адвокатски тим побарале одложување на распитот бидејќи, како што посочи, не биле исполнети минималните услови и „процесно-правни стандарди“.

– Како странки кои би требало да бидат рамноправни во една постапка, јас и тимот на мојата одбрана инсистираме да бидат исполнети барем минимум елементарни услови, процедурата да може да се одвива и каде ќе бидат исполнети и минималните права за странките во постапката. Во тој контекст, денеска побаравме барем минимално почитување на процесните права. Свесна сум дека ова што се случува, е резултат на тоа што се наближуваат изборите и како што јавноста и медиумите коментираа дека тие целосно се ставени во функција на политичката кампања на опозицијата, која нема што да им понуди на граѓаните, па сега најважна алатка им е само СЈО – вели Јанкулоска.

Таа појасни дека побарала да и бидат дадени на увид доказите и документите врз основа на кои е осомничена за да знае за што точно се товари.

Поранешната министерка уште еднаш изјави дека не се чувствува виновна и дека не сторила некакво кривично дело во изминатите години додека ја извршувала министерската функција,  работела професионално, согласно законите и Уставот и во корист на граѓаните на државата.

На новинарско прашање дали и недостига министерската функција, Јанкулоска одговори негативно и дека сега се чувствува одлично.

Покрај Јанкулоска, денеска на распит во СЈО беше и Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на поранешниот директор во УБК.