Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаРаспад, иднината на Светската трговска организација?!

Распад, иднината на Светската трговска организација?!

Глобалниот договор за светска трговија е сонот на Светската трговска организација. Пред 14 години членките на организацијата во Катар постигнаа договор за укинување на ограничувањата за трговија и да поттикнат отворање на пазарите.

Целта која е пред оваа т.н. Доха-рунда (наречена по градот каде што се одржуваше конференцијата), што не е променета до денес гласи: опсежна либерализација на глобалната трговија. Истовремено се планира да се поврзат и да им се даде поддршка на земјите во развој. Царините, како и ограничувањата на извозот и увозот, треба да се укинат. Западот бара слободен пристап до стоки и услуги на пазарите на земјите во забрзан подем. Тие, од друга страна, бараат укинување на аграрните субвенции од страна на ЕУ и САД и целосно отворање на нивните пазари за земјоделски производи од земјите во развој.

Конференциите за светска трговија во рамките на СТО имаат висока вредност кај експертите, особено ако на работите се гледа од аспект на посиромашните, послабите земји. Помалите земји, на пример од африканскиот континент, не се дел од голем број проекти, без оглед дали се работи за трансатлантскиот трговски договор ТТИП или транспацифичкиот ТПП. Постои опасност токму тие земји наместо да се поврзат, да бидат истуркани на периферија. Само мултилатерална трговска рунда може да обезбеди место за помалите земји во светската трговија. Во спротивно, тие би биле сосема на маргините. Тоа, со оглед на актуелната дискусија, е особено чудно.

Од една страна, се прават големи напори за борба против причините за бегство на милиони луѓе од нивните татковини и за поддршка на економскиот развој на сиромашните земји. Од друга страна, пак, постојат овие големи трговски договори, кои врз основа на цела низа механизми доведоа до тоа помалите земји да имаат полоши развојни перспективи.
Во моментов се води особено жестока дискусија за аграрните субвенции. Посиромашните земји, предводени од Индија, сакаат воведување посебни заштитни механизми при поголем пораст на увозот на прехранбени продукти. Американците тоа го отфрлаат, а и Европејците.

Има многу регионални договори за слободна трговија, па оттука билансот на СТО е просечен. Разлики постојат, пред се’, по ова класично прашање на регулација на увозот на прехранбени продукти.

На десетата конференција за светска трговија, СТО во Најроби го прославува и својот 20-годишен јубилеј. Кога беше основана во 1995 година организацијата броеше 120 земји-членки, а сега има 162 членки. Значи, СТО останува и натаму атрактивна. Од друга страна меѓутоа, не и’ успеа да се претвори во единствен форум во кој ќе се разговара за идната регулација на светската трговија.


Гардијан