Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРашковски: ФФМ го опструира Суперкупот

Рашковски: ФФМ го опструира Суперкупот

Владата ќе направи сè за навреме да ги отстрани сите забелешки од УЕФА и финалето на Европскиот суперкуп во фудбал да се одржи во Скопје изјави денеска генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

– Владата сака да ја промовира Република Македонија во најдобро светло и затоа и покрај сите сопки што се прават внатрешно од некои структури Суперкупот, сепак, ќе се одржи во Скопје. Сме ја имале привилегијата да го добиеме организацискиот дел на Суперкупот и она што како информација и забелешка е давано до ФФМ и ПУИГ, односно Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор навреме ќе го отстраниме – рече Рашковски, додавајќи дека сè мора да биде завршено до 21 јули бидејќи на 23 јули доаѓа финалната контрола која ќе одлучи дали Суперкупот ќе се одржи во Скопје или не.

Тој истакна дека забелешките на УЕФА за состојбата на Арената „Филип Втори“ во Скопје се нотирани во сите извештаи од септември 2015 година и дека истите се наведени и во последниот извештај, кој бил испратен до ФФМ на 15 јуни годинава.

– Федерацијата го чувала седум дена по што го пратила до Владата. Сите работи можеле да се направат на време, а во последните шест месеци поради неразбирливи причини воопшто не се работело ништо – рече Рашковски, притоа истакна дека ФФМ со чувањето на извештајот не и нанесува штета само на Владата, туку и на хотелиерите, угостителските објекти и на репутацијата на земјата.

УЕФА во својот извештај забележува дека на стадионот нема климатизација, простор за стационирање на репортажни возила, инфраструктура за интернет мрежа и пристап до интернет согласно капацитетот на стадионот, планови за евакуација, немањето соодветно напојување во случај да снема електрична енергија и други недостатоци.