Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионРама: Албанците бараат да бидат целосно еднакви со македонските браќа

Рама: Албанците бараат да бидат целосно еднакви со македонските браќа

Во интервјуто за “Политико” Рама ја брани платформата на албанските партии и вели дека тој само ја олеснил средбата на албанските партии од Македонија и воопшто не се мешал во внатрешните работи.

“Митот дека албанските партии следат платформа напишана во Тирана беше креиран во Скопје од политички причини. Тоа е лага, мит со лош вкус креиран од политиката. нападите врз платфромата се опасни бидејќи тоа е политика која разгорува поделби а не заедништво…. Тоа е последна работа што и е потребна на Македонија, последна работа што ни е на сите потребна – разгорување на меѓуетнички конфликт бидејќи овие работи тешко се контролираат”, вели Рама за “Политико”.

За албанскиот премиер Албанците од Македонија имаат “целосно право да бараат еднаквост со нивните македонски браќа” а платформата бара права и слободи кои се запишани во Охридскиот договор.
Рама во интервјуто зборува за перспективата на проширувањето на ЕУ кон Балканот која бледнее. Ако оваа перспектива сосема избледи, унија помеѓу Албанија и Косово не може да се отрфли.

Европа ќе се соочи со “кошмар” ако проширувањето исчезне од агендата бидејќи Балканот “ќе полуди” и ќе стане “сива зона во која други актери имаат повеќе влијание отколку ЕУ”.

Тој додава дека некои албански националисти сакаат унија со Косово а најголемата косовска опозициона партија бара референдум за формирање унија со Албанија, иако тоа решително е отрфлено во косовскиот Устав.

“Единствениот начин да се задржи Балканот мирен и кооперативен е да се држи патот кон ЕУ отворен, перспективата да остане јасна и емоциите кон ЕУ да останат позитивни”, вели Рама.

Тој додава дека ако нема надеж, ако нема перспектива, нема простор, тогаш малите унии може да се случат, објаснувајќи дека на Балканот сите би сакале во големата ЕУ.