Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРадев и Павлопулос: Ако Македонија сака во ЕУ и во НАТО мора да ја почитува историјата

Радев и Павлопулос: Ако Македонија сака во ЕУ и во НАТО мора да ја почитува историјата

Земјите од Балканот мора да ја почитуваат историјата и да развиваат добрососедство, доколку сакаат да влезат во Европската Унија и во НАТО, заклучија бугарскиот претседател Румен Радев и неговиот грчки колега, Прокопис Павлопулос, на нивната вчерашна средба во Атина.

Посетата на Радев на Атина доаѓа во време кога се зголемува фокусот за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Официјална Софија претходно соопшти дека една од главните точки на нејзиното претседавање со Советот на Европа во 2018 година ќе биде токму проширувањето на Унијата.

Павлопулос, како што пренесува бугарската веб-страница „Вести“, истакнал дека е потребно да се работи на создавање силна и обединета Европа и дека Грција го поддржува влезот на земјите од регионот во ЕУ и во НАТО. Сепак, тој истакнал дека има и услови што треба да бидат исполнети и дека соседните земји треба да ги почитуваат меѓународното право и европските достигнувања. Тој, исто така, ја обвинил и Турција за непочитување на културните и историските вредности.

– Немањето почит токму кон историјата, цивилизацијата и кон културата веќе ни праќа лоши сигнали. Не може да не се почитува статусот на светско културно наследство на црквата „Света Софија“ – рече грчкиот претседател, алудирајќи на минатонеделното читање на Куранот во овој храм во Истанбул.

Со сличен став е и бугарскиот претседател, кој истакнал дека без заемно почитување на историјата не може да се почнат преговори со ЕУ.

– И Грција и Бугарија ги поддржуваат овие земји и ќе продолжат да ги поддржуваат, но треба да ги исполнат условите за членство. Многу важни услови за Балканот се добрососедските односи и меѓусебното почитување на историјата. Тие треба да бидат задолжителен услов за почнување преговори за членство – рече Радев.