HomeДЕНЕШНАЕкономијаРаботници од кумановски „Стил ком“: Нѐ бркаат од работа за да го задушат штрајкот

Работници од кумановски „Стил ком“: Нѐ бркаат од работа за да го задушат штрајкот

fabrika-kumanovo-4463

Раководството на кумановски „Стил ком“ со закани и бркање од работа ги тера вработените да го прекинат штрајкот што пред три дена го започнале поради неисплатени плати и придонеси – тврдат работници од фабриката. Велат притисоците го вршат шефови кои прво ги организирале да штрајкуваат, а потоа се премислиле и се свртеле против нив.

„Раководството гледа на секој начин да го загуши штрајкот наместо да ни ги исполни барањата. Сите што беа под договор ги избркаа од работа бидејќи наводно им завршиле договорите, па ги викнаа работниците кои претходно ги отпуштија. Еден од шефовите не натера да штрајкуваме, а сега се сврте против нас и ни прави притисок. Од околу педесетина работници останавме уште 20 души и секојдневно се намалува бројот. Сабајлево кога отидовме на работа ни ги зедоа картичките за евидентирање на работа и не не пуштија во кругот на фабриката“, вели еден од вработените.

Од фабриката пак велат дека не се работи за класичен штрајк туку за револт на дел од работниците кои биле на одмор, па дошле да видат зашто не им се исплатени двете плати – објави Сакамдакажам.мк

„Ние близу еден месец немаме работа затоа што немаме доволно матерјал и во овој период од годината имаме намален обем работа. Фирмата е со холандски капитал и имаме мал застој поради ненаплатени побарувања, но платите ќе бидат набрзо исплатени. Се работи за мал дел на вработени кои се револтирани, другите се на работните места“ – тврдат од фабриката.

Штрајкот започнал во петокот, првенствено поради тоа што работниците и нивните семејства останале без здравственото осигурување, па побарале помош и од инспекциските служби. Од таму им рекле дека ќе ја проследат пријавата, а кога ќе излезат на терен не се знае.

Производствениот погон за изработка на челични конструкции и арматурно железо „Стил Кон“ во кумановското село Младо нагоричене, започна со работа пред 5 години, во септември 2011, а на отворањето присуствуваше премиерот Никола Груевски. Во фабриката работат стотина работници.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com