Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРаботен 1-ви мај за политичките лидери – средби со Хојт Ји наместо скара

Работен 1-ви мај за политичките лидери – средби со Хојт Ји наместо скара

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент, Хојт Брајан Ји во понеделник ќе допатува во Македонија во обид да помогне во надминувањето на политичката криза. Па така, политичките лидери наместо пикник, ќе имаат работен ден на трудот.

Ји, како што соопштија од амбасадата на САД во Скопје, за време на посетата ќе разговара со политичките лидери за статусот на формирање нова влада, за билатералните односи, како и за неопходните реформи на евроатлантските интеграции. Засега нема информации дали американскиот дипломат ќе има средба и со претседателот Ѓорге Иванов.

Хојт Ји во март, за време на посетата на Загреб, изрази загриженост за ситуацијата во Македонија и го повика претседателот Иванов да го додели мандатот за формирање влада.

Заменик-помошникот државен секретар на САД доаѓа во земјава откако минатата недела, токму од Стејт департментот пристигна порака до македонските политичари која повикува на одговорност. Ставот на Стејт департментот е дека политичарите кои го блокираат процесот на избор на спикер и формирање нова влада, ќе бидат повикани на одговорност. Американската администрација упати повик кон политичарите итно да го одблокираат процесот за излез од кризата.