Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПрва средба на Заев со српската амбасадорка – за што се разговарало?

Прва средба на Заев со српската амбасадорка – за што се разговарало?

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со српската амбасадорка во земјава, Душанка Дивјак–Томиќ, која изразила благодарност за конструктивноста во унапредувањето на соработката помеѓу Македонија и Србија, соопшти владината прес-службата.

Томиќ на Заев му ги пренела „позитивните и конструктивни реакции од Србија за понатамошна блиска соработка“.

– Пренесувам и благодарност за поддршката од Владата на Македонија, седиштето на Транспортната заедница да биде во Белград. Тоа што генералниот секретар на Транспортната заедница е од Република Македонија е само потврда за определбата од двете страни, за негување и за развивање на нашите пријателските односи – изјавила Томиќ.

Заев, пак, рекол дека македонската влада е определена да развива добрососедски односи и низ проактивната улога во регионалната соработка да придонесе за евроатлантските перспективи на целиот регион. Тој нагласил дека Србија е традиционален пријател на Македонија и дека Македонија е насочена кон позитивни односи.

На средбата Заев и српската амбасадорка Дивјак-Томиќ договориле да се направи рекапитулар на потпишаните, а досега нереализирани документи за соработка помеѓу двете држави и да се пристапи кон нивна скорешна имплементација.

Официјален Белград пред две недели го повлече целиот персонал од српската амбасадата во Скопје и ги обвини македонските власти за „многу офанзивни разузнавачки активности“ насочени против Србија.
По интензивна комуникација на меѓудржавно ниво, персоналот се врати во амбасадата, која по враќањето и на амбасадорката фукнционира нормално.