Tuesday, Apr 23, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРФилмПрва ревија на современиот грчки филм во Македонија

Прва ревија на современиот грчки филм во Македонија

Првата ревија на современ грчки филм, ќе се одржи од утре до 30 март во киното „Фросина“, во организација на Филмскиот фестивал „КинеНова“. Отворањето на ревијата на современ грчки филм со претставување на програмата и присутните гости ќе се случи на 28 март (вторник), во 20 часот, со проекција на краткиот игран филм „Смоква“ на режисерот Николас Коловос, награден за најдобар краток игран филм на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова Скопје 2016“. Потоа ќе следува играниот филм „Непријателот меѓу нас“, снимен по сценарио на Јанис Цирос во режија на Јоргос Цемберопулос.

На 29 март на програмата во 18.30 часот е документарниот филм „Суровина“ во режија и по сценарио на Христос Каракепелис. Косценарист на филмот е Наташа Сегу. По проекцијата ќе следува дискусија со режисерот и сценаристот на „Суровина“. Во 20.30 часот на програмата е играниот филм „Среда 04:45“ снимен по сценарио и во режија на Алексис Алексиу.

Во четврток, на 30 март, во 18.30 часот, ќе биде прикажан играниот филм „Засекогаш“, по сценарио и во режија на Маргарита Манда, додека во 20.30 часот ќе биде прикажан играниот филм „Ден за бегство“, по сценарио и во режија на Димитрис Бавелас.