Thursday, Apr 25, 2024
HomeСТУДЕНТУМПрв студентски референдум на УКИМ – кој ќе ги претставува студентите?

Прв студентски референдум на УКИМ – кој ќе ги претставува студентите?

„Студентски пленум“ информираше дека на 28 септември ќе се оддржи прв студентски референдум на Универзитетот „Кирил и Методиј“, на кој студентите ќе одлучуваат за телото за студентско претставување. Референдумското прашање е: „Студенту, дали телото кое те претставува, во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?“.

– По многуте проблеми кои го мачеа автентичното студентско движење, гласот повторно не е кај оние кои се највеќе засегнати – студентите. Моменталното одлучување е во рацето на Универзитетскиот сенат кој не е загрижен за ставот и мислењето на студентите.

Можеме да заклучиме дека слабото студентско организирање и статус квото му одговара на универзитетот, а никако на студентите. Сметаме дека доколку нашиот глас не се чуе онаму каде што треба, никогаш нема да се одговори на нашите потреби и вечно ќе бидеме под камшикот на лошото студентско владеење – истакнуваат од „Студентски пленум“.

„По крадењето на гласачки кутии и тепачките на студентските избори, универзитетскиот Сенат зема за одговорност да го реформира студентското претставување. Сепак, во процесот на реформирање, сенатот повторно е глув за ставот на студентите. Изгледа дека слабото студентско организирање и статус квото му одговара на универзитетот, а никако на студентите! Затоа, ве повикуваме да се здружиме заеднички, како слободоумни и независни студенти за да го организираме на 28 септември – Првиот студентски референдум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се вели во повикот на студентите.

По изборите во јуни за нов претседател на СПУКМ, кои поминаа со голем број на нерегуларности, Ректоратот формираше две комисии, од кои едната имаше задача да ги разгледа условите во кои се одвивале изборите, додека другата требаше да работи на менување на Статутот на УКИМ во делот со студентското организирање. И двете комисии требаше да понудат некакво решение до 15 септември, кога на функција стапи новиот ректор Никола Јанкуловски.