Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаПротест – Запре изградбата на пругата од Битола кон Грција

Протест – Запре изградбата на пругата од Битола кон Грција

Работниците од педесетина битолски подизведувачи кои работат на реконструкцијата на железничката пруга Битола- Кременица, целосно ги запреа изведбените работи, проект финансиран од ИПА фондовите на Европската Унија.

Конзорциумот на трите изведувачи во реализацијата на овој инфраструктурен проект, „Вод строј“, „Пом строј“ и „Карпош“, кон подизведувачите ги немаат подмирени финансиските обврски од крајот на минатата година и работниците осум месеци немаат земено плата. Долгот до денес изнесува околу еден милион евра, а работниците се одлучија да ги прекинат сите активности откако не беше исполнето ветувањето од изведувачите дека парите ќе ги добијат најдоцна до 28 август.

– Стопираме и дури не ни се исплати, нема да дозволиме да се работи. Ќе се приклучат у другите фирми, пошто сега сме само мал дел дојдени тука – рече Самид Елмазов, вработен во подизведувачка фирма.

– Не ги исплаќаа средствата на сите подизведувачи од Битола, а парите се исплатени на конзорциумот кој презеде обврска дека ќе ни ги исплати до 28 август сите средства, но нема ништо – рече Лирим Мерсими, еден од штрајкувачите.

– шеесеттина фирми се, а не е платено една година. Се работи за нецели деветстоини илјади евра – рече Андреј Димовски, градежен техничар од „Пом строј“.

Нема да продолжиме со работа додека не си ги земеме парите, а ако тоа не се случи, во среда ќе го блокираме меѓународниот пат кај граничниот премин Меџитлија, велат штрајкувачите. Според нив, инвеститорите мора да интервенираат и да им помогнат на работниците.

– Како Европската унија не си поведе сметка каде и како се работи на пругата. Значи, самите тие не се свесни и не знаат каде им одат парите. Треба да си ги отворат очите и ЕУ, а нашата држава да си ги заштити домашните фирми – рече Андреј Димовски.

Носител на проектот е Министерството за транспорт и врски, а од ИПА фондовите на ЕУ одобрени се околу 20 милиони евра. Работите на пругата започнаа на 15 јануари 2015 година, а според предвидената динамика, железничката траса од Битола до Кременица, во должина од 17 километри, требаше да биде готова пред еден месец. Засега пруга е поставено на само еден километар.

Од Министерството за транспорт и врски, велат дека за проектот што се изведува преку ИПА програмата на ЕУ, Министерството за финансии ги исплатило сите пари на изведувачот за доесга сработеното. Но, што договорил изведувачот со фирмите подизведувачи, државата не може да се меша – е одговорот од Министертсвото за транспорт и врски.