Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПромашените тунели на автопатот Кичево-Охрид ќе одат „курбан“!?

Промашените тунели на автопатот Кичево-Охрид ќе одат „курбан“!?

Подземни води колку цело езеро дополнително ја проблематизираат изградбата на тунелите под Пресека. За исправање на катастрофалните грешки нема да бидат доволни ниту 100 милиони евра, велат експерти.

Како што јавува „Дојче веле“, кривини во тунелите со екстра дополнителни потпори или комплетно нова траса во овој дел, драматично ќе ја зголемат цената на изградба на автопатската делница Кичево-Охрид. Проблематичниот процес на пробивање на двата тунела кај Пресека станува неизвесен поради појавата на огромни количини подземни води. Откако работите речиси запреа поради „неочекуваните“ проблеми со земјиштето, изведувачите сега се пред предизвик како да го премостат проблемот со подземните води. Според информации на Дојче веле проблемите од овој аспект се многу сериозни, бидејќи станувало збор за огромни количини вода и тоа долж целиот потег под планинскиот превој низ кој треба да се пробијат двата тунела. Инволвираните на терен се буквално во небрано што и како да се прави како решение:

„Проблемот со двата тунела под Пресека е што земјиштето е со многу лош квалитет но и со подземните води. На овој потег има буквално едно езеро и мора многу да се внимава. Како и што ќе се прави како излезно решение, се уште не знаеме, но едно е јасно, ќе бидат потребни многу пари. Има доста неизвесности и допрва треба да се анализира што и како ќе се прави“, вели за Дојче веле експерт вклучен во надзорот токму на овој дел од автопатската делница.

Двата тунела од двете страни се пробиени по 500, односно 200 метри. Од она што може да се забележи на терен е дека таму во моментов се одвиваат некакви активности, што не е случај со останатиот дел од автопатот каде работите комплетно се запрени. Деновиве, според информации на Дојче веле, состојбата на терен ја скенирале и кинески експерти кои правеле испитувања и во тунелите. Што и како констатирале, нема официјални информации. Од она што досега е познато околу тунелите е дека при пробивањето се применува специјалната технологија „Pipe roof“, или таканаречен кров од цевки, кој се користи во вакви проблематични ситуации. Ова за Дојче веле го потврди и деканот на градежниот факултет во Скопје, Дарко Мославац, кој објаснува дека станува збор за многу скапо и комплексно решение кое целиот процес на градење го прави исклучително бавен. За информациите околу огромните количини подземни води, Мославац вели дека немал конкретни информации, иако според него, тие се нормална појава при пробивање на тунели. Дали и што ќе значи ваквата појава тој не сака да коментира.