Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПроф. Шкариќ со контроверзен став: Уставот нема значење во време на пандемија

Проф. Шкариќ со контроверзен став: Уставот нема значење во време на пандемија

Универзитетскиот професор по уставно право доктор Светомир Шкариќ, оценува дека предлогот на Комисијата за заразни болести во домовите да не може да се собираат повеќе од четворица гости е оправдан и дека во услови на пандемија примарно е јавното здравје, а на Уставот треба да се размислува откако државата ќе успее да се справи со кризата која е и глобална.

-Што е Уставот во однос на пандемија? Во Лондон не смеат повеќе од шестмина на улица да се движат. Ни правото ни уставот не можат во вакви вонредни услови да имаат никакво значење. Моне вели дeка нужноста ја создава Европа, а не нечија желба. И сега кај нас има нужност. Правото сега треба да молчи. Ние имаме нова околност, загрозување на целата нација. Ако една Америка не може да излезе на крај, што останува за малите народи, ќе исчезнеме како ништо ако не постојат светските усилби да се дојде до вакцината. Ситно е да го толкуваме Уставот сега во вакви услови. Треба да се обединиме и многу проблеми да решаваме без правни средства. Да се види како да се спасиме и да ги почитуваме мерките, изјави Шкариќ за ,,Слободен печат”.

Професорот смета и дека конкретната мерка со која во домовите се предлага освен оние што живеат на истата адреса да не смеат да присуствуваат повеќе од четворица, не се однесува на неповредливоста на домот, туку како што вели, на ограничување на правото на слобода на движење.

-Се е тоа ограничување на слободата на движење и во домот дури. Најчувствителни на такви ограничувања беа британците, а сега мора да го трпат тоа. Ни во паб можат да одат. Во прашање е повисокото добро, животот, и тоа не само на еден човек, туку опасноста што нечие однесување може да биде за другите животи, смета Шкариќ.

Ваквиот став на професорот кој најмногу треба да го застапува почитувањето на Уставот и сите права кои произлегуваат од него за многумина делуваше несвојствено и контроверзно.