Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПродолжува конститутивната седница на Собранието – излез или ново продлабочување на кризата

Продолжува конститутивната седница на Собранието – излез или ново продлабочување на кризата

Парламентарните политички партии денеска, по три месеци пауза и преговори, денеска ќе ја продолжат конститутивната седница на Собранието, која почна на 30 декември минатата година, а беше прекината затоа што немаше договорено парламентарно мнозинство и пратениците не можеа да изберат претседател на законодавниот дом, пишува „Мета“.

Според агендата на денешното продолжение на конститутивната седница, кое е закажано за 12 часот единствени две точки на дневен ред се изборот на членовите на Комисијата за избори и за именувања и избор на претседател на Собранието.

И на овој настан се гледа како на шанса за продолжување на процесот за формирање влада по изборите на 11 декември минатата година, но таа шанса е неизвесна како поради големите разлики помеѓу двете најголеми политички партии така и поради фактот дека и до сега секоја прилика партијата на Груевски ја користеше да го блокира или барем да го забави процесот.

Од СДСМ веруваат дека денеска ќе се избере новиот претседател на законодавниот дом, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека единствената точка на дневен ред ќе биде изборот на членовите на Комисијата за избори и именувања.

Имено, партиите по неколку дена преговарање, во четвртокот, минатата недела одлучија Комисијата за избори и за именувања да има шест членови од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, ДУИ и Беса да имаат по еден член, а претседател да биде Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Според процедурата, треба да се свика седница на Комисијата за прашања на избори и на именувања, таму да се разгледаат еден, два, три, десет или сто предлози за претседател на Собранието и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница, и тогаш тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието – изјави Димовски, без да каже дали тие како партија ќе имаат свој предлог за претседател на Собранието.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во вчерашното интервју за „Канал 5“ рече оти верува дека денеска ќе се избере претседателот на Собранието и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да не тактизира дека ќе се гласа само за Комисијата за избори и за именувања.

– Ако не се избере утре, ќе има седница задутре, тоа е демократијата. Ако треба да трае седницата цела ноќ, нека трае. Испраќам порака да не се обидуваат да прават некаков вид манипулации. Ќе ни треба ВМРО-ДПМНЕ за спроведување реформи, затоа мора да соработуваме. Не сакаме да размислуваме на други решенија, тоа е лоша практика за Македонија – рече Заев.

Во петокот, минатата недела, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека Талат Џафери ќе биде кандидат за претседател на Собранието, за кој кажа дека има поддршка од парламентарното мнозинство.

За кандидатот на ДУИ за претседател на Собранието, Заев во вчерашното интервју рече дека тој е еден од посериозните кандидати затоа што поседува најголемо искуство.

– Мене ми е важно сите потенцијални партнери да веруваме во решението што ќе го избереме. Потребно е новиот претседател на Собранието да биде човек со капацитет, кој има искуство и да има разбирање за идната опозиција, па дури да прифати предлог од нив затоа што демократијата значи толеранција и разбирање – додаде Заев.

Раководството на Беса, пак соопшти дека нема да го поддржи Талат Џафери и одлучи да предложи свој кандидат за собраниски спикер. Портпаролот на оваа партија, Орхан Муртезани, не открива имиња, но според неофицијални информации од партијата, тоа ќе биде Африм Гаши или Фадил Зендели.

– Движењето Беса не донесе одлука за поддршка на Талат Џафери за собраниски спикер. Последната одлука на централното раководство на Движењето Беса е и ние да предложиме свој кандидат за претседател на Собранието. Додека нема поинаква одлука од раководството, ние остануваме на ставот да имаме свој кандидат за таа функција – изјави Гаши.

Претседател на Собранието според Уставот и деловникот се избира и изгласува со мнозинство од 61 глас од пратениците.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски вчера во интервју за „Сител“, рече дека неговата партија ќе ги почитува Уставот, деловникот за работа на Собранието и законите, но ќе се бори за да ги зачува државните и националните интереси.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за нови предвремени парламентарни избори, затоа што, како што рече Димовски, бројките и соодносот во Собранието не гарантираат стабилно Собрание.