HomeДЕНЕШНАЕкономијаПродаден Слободен печат – кој го купува македонскиот медиум?

Продаден Слободен печат – кој го купува македонскиот медиум?

sloboden-pecat

Водечката издавачка компанија на Балканот, „Adria Media Group“, откупи контролен пакет удели во издавачкото претпријатие „Слободен печат ДОО“ и со тоа стана доминантен сопственик во новата издавачка компанија „Адриа Медиа Балкан ДОО“, која од денеска го издава дневниот весник „Слободен печат“.

Српската компанија е издавач на српскиот дневен весник „Курир“, на порталот kurir.rs и на повеќе други популарни печатени изданија („Њусвик“, „Стори“, „Ел“, „Космополитен“, „Менсхелт“, „Лиса“, „Сенса“, „Нешенл џиографик“ и други), веб-портали и мобилни апликации. Во рамките на својата стратегија за експанзија на регионалниот медиумски пазар, „Adria Media Group“ го препозна најтиражниот македонски дневен весник „Слободен печат“ како потенцијален партнер во нашата земја.

Разговорите и преговорите со сопствениците на издавачкото претпријатие „Слободен печат ДОО“, кои се водеа во насока на преземање на контролниот пакет удели заради натамошен развој на издаваштвото и на производот, завршија успешно. Натамошните активности на издавачот на дневниот весник „Слободен печат“ ќе бидат насочени кон подобрување на квалитетот на изданието и кон натамошно зголемување на неговата популарност, кон значително зајакнување на дистрибутивната мрежа и на другите инфраструктурни претпоставки за успешно работење и за покренување други изданија.

Поздравувајќи ги овие промени, Редакцијата на „Слободен печат“, која го покрена и го оформи производот што за само три години постоење буквално го освои македонски новински пазар, ќе вложи максимални напори да ги поддржи намерите на сопствениците за експлозивен развој на новата издавачка компанија, со уверување дека тие промени ќе придонесат и за сеопшт развој на медиумските слободи и на професионалните стандарди на новинарството во Македонија.

Редакција на „Слободен печат“
Главен и одговорен уредник
Бранко Героски

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com