Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПриведен па пуштен Достовски, активист за легализација на марихуаната

Приведен па пуштен Достовски, активист за легализација на марихуаната

Полицијата вчера го привела, за по неколку часа да го пушти на слобода, активистот на Зелена Алтернатива и поборник за легализација на марихуаната во медицински цели, Филип Достовски, пренесе Нова.

Неколку часа во полициска станица поминал вчера активистот за легализација на марихуаната во медицински цели, Филип Достовски. Тој бил кај пациент на кого му правел масло од канабис, кога примил повик од неговиот татко, дека полицијата го чека дома и го претресува неговиот дом.

„Бев во полиција од седум до 12 часот и полицајците беа коректни. Дома беше извршен претрес во кој беше најдена количина на марихуана дадена од болни пациенти за правење масло од канабис, како и див коноп кој се користи за ЦБД масла и за епилепсија. Откако заврши испрашувањето, пуштен сум да се бранам од слобода“, изјави Достовски за НОВА.

Тој не крие дека прави масло од канабис за пациенти кои се болни од рак и дека понекогаш кај него луѓето доаѓаат со марихуана за да ја оцени дали е доволно добра за да се создаде масло.

„Засега постапката тече и уште не знам за што точно ќе ме товарат. Она што е најдено ќе оди на вештачење, има можност да добиеме и кривична пријава и затвор. Пуштен сум да се бранам од слобода“, вели Достовски.

Според него, приведувањето е поврзано со неговиот активизам за маслото од канабис. Тој вели дека полицијата вчера посетила уште еден активист од „Зелена алтернатива“.

Од МВР засега не се достапни за коментар за случајот со приведувањето. Достовски е познат во јавноста по неговата борба за легализација на марихуаната. Тој имал рак на белите крвни клетки (Хочкинов) синдром и верува дека маслото од канабис му помогнало болеста да не се врати повторно.