HomeДЕНЕШНАПолитикаПритисокот за преземање на Макпетрол тема и на регионалните медиуми

Притисокот за преземање на Макпетрол тема и на регионалните медиуми

„Никој во Македонија и натаму не знае што се крие зад обидот за непријателско преземање на најголемиот дистрибутер на нафта и нафтени деривати Макпетрол, кој е една од најмоќните компании во земјата, од страна на анонимна компанија основана неодамна, со влог од 1000 евра?!“ – вака српскиот неделник „Нови Магазин“ ја започнува статијата посветена на случувањата околу Макпетрол, објавена неодамна.

Контроверзите околу обидот за преземање на Макпетрол и потеклото на сомнителните офшор-бизнисмени од „Балкан Петролеум“ очигледно ги интересираат и регионалните медиуми, кои со големо внимание следат што се случува во Македонија.

Во анализата на четири страници, централна во изданието на „Нови Магазин“, се опишува хронологијата на настаните околу Макпетрол во изминатите неколку месеци, како и сомнежите околу кредибилитетот на наводните инвеститори од „БПХЛ“ и потеклото на нивните пари.

„Сите досегашни обиди на властодршците да влезат во бизнис-царството на Макпетрол релативно лесно беа одбивани, вклучително и минатогодишните кривични пријави против највисоките менаџери на оваа фирма. Сè беше без паника до ова лето, кога како гром од ведро небо одекна понудата на лондонската тазе оформена компанија „Балкан Петролеум“ да го преземе македонскиот нафтен гигант за 50 милиони евра“, пишува „Нови Магазин“ во анализата.

Во статијата се пренесени и наодите од истражувањата на македонските новинари, кои укажуваат на матното минато на „инвеститорите“ од „БПХЛ“, во чии биографии има низа обвинувања за корупција, перење пари и сомнителни врски со политичари и со источноевропските мафијашки кругови.

„Многумина сметаат дека меѓународните бизнис-тајкуни работат во корист на домашната криминално-корумпирана политичка елита, која на овој начин со еден куршум би погодила две цели. Пред сè, би успеала конечно да ја освои богатата домашна енергетска компанија, по цена која според експертите е далеку пониска од вистинската вредност на Макпетрол и која во иднина би генерирала значителни профити, особено по комплетирањето на гасоводната мрежа“, се вели во анализата.

„Нови магазин“ пренесува и за загриженоста на Европската енергетска заедница, која се заинтересира за случајот. Во ЕЕЗ имаше загриженост дека ова би можело да ја наруши стабилноста на снабдувањето на Македонија со енергенси, а и дека преземањето би можело да има и други несакани последици, со оглед на тоа што Макпетрол, заедно со државата, е сопственик на компанијата Га-Ма, која управува со македонската гасоводна мрежа.

ЕЕЗ во јули испрати писмо до македонските власти во кое бара одговори за повеќе аспекти од постапката.

„Направивме мало истражување и утврдивме дека околностите на преземањето се прилично нејасни. Мислевме дека е најдобро да поставиме неколку прашања до Владата и да побараме објаснувања. За жал, не ги добивме бараните објаснувања“, ја пренесува „Нови магазин“ изјавата на Дирк Бушле, заменик-директор на Секретаријатот на Европската енергетска заедница.

Во статијата се пренесува и за симптоматичниот молк од македонските институции околу целиот случај, со акцент на Комисијата за хартии од вредност, која и по четири месеци не открива какви било информации за постапката.

Новинарските истражувања открија информации за вмешаноста на луѓето поврзани со „БПХЛ“ во матни зделки во минатото. Управителот на компанијата Василиј Евдокимов досега бил директор на 22 фирми, најголем дел сега ликвидирани, а неговото име се појави и во скандалот до ткн. „Документи од Панама“. Евдокимов во офшор-шемите се појавува како параван за вистинските сопственици на фирмите. Израелецот со романско државјанство Ури Бидер, исто така поврзан со „БПХЛ“, учествувал во пропаѓањето на рафинеријата „Рафо“ во Романија, оставајќи илјадници работници на улица. Долгогодишен партнер и соработник на Бидер е рускиот тајкун Михаил Черни, чија биографија е полна со контроверзи, обвинувања за корупција, перење пари и поврзаност со руската мафија.

Интересот на регионалните медиуми за случајот „Макпетрол“ не е изненадување, ако се знае дека се работи за една од најголемите нафтени компании во Југоисточна Европа, чија дестабилизација или преоѓање во рацете на сомнителни офшор-бизнисмени би имала големи последици не само по македонското стопанство, туку и во целиот регион.

POST TAGS:
Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com