Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПрезакажано судењето на тепачите од Собранието

Презакажано судењето на тепачите од Собранието

Денешното рочиште со кое требаше да почне судскиот процес против деветтемина обвинети за насилствата во Собранието од 27 април, се одложи бидејќи од куќен притвор во судот не беше спроведен обвинетиот Ангеле Зафировски, јавува „Мета“.

Судијката Милка Ангелевска-Васевска, откако констатираше дека не се исполнети условите поради отсуството на Зафировски, рочиштето го презакажа за 23 мај.

Во судницата, покрај осумтемина обвинети, денеска беа присутни и петнаесетина оштетени, сите полициски службеници кои биле во Собранието на 27 април, од кои дел ги застапува адвокатот Филип Медарски.

Судијката побара да се провери зошто Зафировски не е спроведен, но потоа не ги соопшти причините и само го одложи рочиштето.

Додека траеше рочиштето, пред Основниот суд Скопје 1 протестираа членови на здружението „Тврдокорни“. Тие држеа транспарент „Верував во сè, но не дека моите ќе ми судат за Македонија“.

Дел од нив беа облечени во црни маички со амблемот на здружението, а дел со маички на кои пишуваше „Слобода за жабата“ и „Македонија на Македонците“.

Денешното рочиште се одржа во судница број 5, која беше претесна да ги собере обвинетите, оштетените, адвокатите, полициските службеници и голем број новинари.

Новинарите реагираа на ваквите услови, на што судијката одговори дека условите се тие, дека просторот е тој и дека големата судница била веќе зафатена за друго судење.

По завршувањето на рочиштето, никој не сакаше да даде изјави, ниту адвокатите на обвинетите ниту на оштетените, а и членовите на „Тврдокорни“ ги избегнуваа медиумите.