Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПретумбации на гласачи за еднакви изборни единици

Претумбации на гласачи за еднакви изборни единици

ДУИ темата за прекројување на изборните единици ја наметна и во Собранието на Република Македонија откако координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери поднесе предлог до координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДПА за изедначување на бројот на гласачите по Изборна единица, особено што во шестата според податоците има за 5.28% повеќе гласачи.

„Треба да се ревидираат границите на изборните единици за да нема ситуација каква што е сега од една до друга единица да има разлика и од 30.000 гласачи“, стои во образложението.

Со наводите на ДУИ се согласува и Александар Чичаковски, претседателот на ДИК.

„Еднаквоста на гласот на избирачите од шестата изборна единица може да биде доведена во прашање, бидејќи брои пет проценти повеќе гласачи од дозволениот лимит“, пренесе Чичаковски.

Тој веќе ги известил Собранието и Министерството за правда и очекува оттаму да предложат измени на изборниот законик, односно префрлање на неколку илјади гласачи од Дебар или од Центар Жупа од шестата во петтата изборна единица.

Од ДУИ велат дека треба да се елиминираат сите можности изборите на 11 декември некој да ги прогласи за нелегитимни.