Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАЦрна хроникаПресврт во случајот за минатонеделното убиство во Чаир – две лица сами се пријавиле

Пресврт во случајот за минатонеделното убиство во Чаир – две лица сами се пријавиле

Преврт во случајот на минатонеделното убиство на 19-годишниот Леарт Адеми во скопската населба Чаир. Според „Коха“, двајцата жители на Чаир, од кои еден е малолетник, сами се пријавиле во полиција и признале дека се извршители на убиството извршено вечерта на 3 јануари на улицата „Ресенска“.

Крвавиот инцидент меѓу напаѓачите и Адеми, кој бил во друштво на 16-годишен другар, настанал поради бизарна кавга и дофрлувања од типот: „Што ме гледаш“. Во еден момент, едниот од напаѓачите извадил нож и му нанел три убодни рани во срце и во стомак на младиот Леарт, додека неговиот пријател поминал со расеченица на увото. Адеми бил префрлен во Градската болница каде што им подлегнал на повредите, додека насилниците побегнале.

Ранетото момче им рекло на полицајците дека го препознава едниот од напаѓачите и дека тој е член на навивачката група „Шверцери“. Полицијата го приведе посоченото лице кое доби едномесечен притвор. Наводно, грешката при препознавањето се случила поради големата физичка сличност на притворениот и „вистинскиот“ сторител.

Од скопската полиција вчера само кусо рекоа дека утрото на распит биле донесени две лица што се поврзуваат со случајот на убиството во Чаир. Имајќи предвид дека полицијата има право 24 часа да држи лица на распит, се очекува денеска да биде познато дали двајцата чаирчани ќе бидат осомничени за убиството на Адеми. Настраданото момче беше син на спортскиот новинар Сами Адеми.