Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПредизвик за жените – трка на штикли

Предизвик за жените – трка на штикли

Жените ги обожаваат, а често трпат и болка поради нив. Високите потпетици ги има во плакарот на секоја жена. Манифестацијата, која се организира во рамките на битолско културно лето Битфест, го следи трендот на најпознатите светски трки по меѓународни стандарди, како што се трките на штикли на улиците Кнез Михајлова во Белград и Страдун во Дубровник.

– Трката во Битола ја симболизира силата на современата девојка и жена. Таа и на високи потпетици го освојува светот. Оваа манифестација дополнително ја потенцира и посебноста на една од најамбиенталните улици на Балканот, битолски Широк сокак, каде високите потпетици се одраз на истенченото чувство за мода издигнато до ниво на уметност во Битола. Младинскиот културен центар ја организира трката и со цел да промовира нови алтернативни начини за збогатување на забавниот живот на младите, како и користење на алтернативни простори, вели Маја Ангеловска, од МКЦ Битола.

Во вторник, на 25 август, трката ќе започне во 21 часот, при што натпреварувачките ќе трчаат на високи потпетици не пониски од 8 сантиментри на обележана патека на Широк сокак. Предвидени се две полуфинални и една финална трка. Регуларноста на трката ќе ја следи петчлено жири во состав на јавни личности.