Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПратениците во сабота ќе расправаат за нов јавен обвинител и законот за заштита на сведоци

Пратениците во сабота ќе расправаат за нов јавен обвинител и законот за заштита на сведоци

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за сабота (25 ноември) ја закажа седницата за именување нов државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи Љубомир Јовески.

Според календарот на седници на официјалната интернет-страница на Собранието, именувањето државен јавен обвинител е прва точка на 22. седница.

Трета точка на дневниот ред се измените на Законот за заштита на сведоци, што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, со кои на ова обвинителство треба да му се овозможи да одлучува кој ќе биде заштитен сведок во постапките што се под негова надлежност.

Измените на Законот за заштита на сведоци, како што е наведено, треба да бидат донесени по скратена постапка.

Покрај овие, на седницата ќе се расправа и за измените на Законот за Судскиот совет, за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и поведување постапка за утврдување одговорност за судија, за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување, за Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и за измените на Законот за акцизите, сите по скратена постапка.