Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПратениците расправаа за укинување на титулата национален уметник

Пратениците расправаа за укинување на титулата национален уметник

Пратениците вчера расправаа за предлог-законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија во прво читање со кого е е предвидено во иднина да се укине доделувањето на оваа титула која се состои од доживотен паричен надомест од две просечни месечни плати.

Заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, образложувајќи ја потребата за укинување на Законот, соопшти дека за надоместоците на петте живи национални уметници за 2017 гдоина се потребни 4 милиони денари од буџетот на РМ или за секој од нив месечно бруто по 66.300 денари.

– Се оцени дека со Законот се направи нерамноправен третман меѓу уметниците, како и помеѓу националните уметници и другите вработени во културата кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата – рече Лазовски.

Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ, која беше министер за култура кога се подготви и донесе законот, побара на јавна расправа да се дискутира за укинување на законот за да се слушне мислењето на уметниците, како што била организирана јавна расправа за донесување на законот пред седум години.

– Законот се носеше со благородна, позитивна идеја во насока за унапредување на културата и почит кон нашите уметници. Дискриминацијата е токму во укинувањето зашто доведува до неправда и нерамноправен однос кон уметниците. Не може еднострано и самоволно да се одлучува за укинување на титулата – рече Канческа-Милевска.

Пратениците ја исцрпија расправата по оваа точка, по што претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и гласањето по оваа точка дополнително ќе го закаже.

Законот ќе продолжи да важи за оние кои веќе ја добиле титулата. Од востановувањето во 2011 таа им беше доделена на: Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловски и Никола Маџиров.