Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионПратениците од регионот кројат планови за подобра енергетска ефикасност

Пратениците од регионот кројат планови за подобра енергетска ефикасност

Пратеници од парламентите од регионот, претставници од европските тела и институции кои работат на полето на енергетиката, активисти од невладини организации, како и експерти од полето на енергетската ефикасност и разумно искористување на енергијата присуствуваа на регионална конференција во Подгорица.

Целта на конференцијата насловена како Energy. Development. Democracy: How successful policy dialogue can ensure sustainable use of energy and climate protection in South East Europe, беше да се разменат информации и идеи со цел подобро разбирање на динамиките и правците на ЕУ, како и глобалните цели, во поглед на одржливата енергија и заштита на климата.

Дополнително, се дискутираше и за специфични предизвици за земјите од Југоисточна Европа како и за примери на успешно креирање и спроведување политиките кои имаат за цел подобрување на регионалното енергетско портфолио. Посочена беше и најновата публикација „Како до ефикасно вклучување?“ во која се поместени начини и примери за комуникација со сите чинители кои работат на полето на енергетската ефикасност и разумното искористување на енергијата.

Конференцијата беше организирана од германското друштво за меѓународна соработка – Отворен регионален фонд за енергетска ефикасност и Агенцијата за животна средина на Сојузна Република Германија.