Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПратениците негираат дека ги отвориле вратите, ништо не е како што изгледа на снимките

Пратениците негираат дека ги отвориле вратите, ништо не е како што изгледа на снимките

Пратеникот Крсто Мукоски тврди дека не ја отворил вратата на парламентот, а Љубен Арнаудов – дека ништо не е така како што изгледа. Очекуваат истрагата да докаже дали тие го организирале „упадот“ на 27-ми април

„Јас не сум ја отворил вратата на парламентот. Точно е дека бев во ходникот: Дали е тоа забрането? Јас имам право да се движам слободно насекаде низ Собранието. Ја видов снимката и не гледам од каде е изведен заклучок дека јас сум ја отворил вратата. Се е шпекулација. Истрагата ќе покаже кој го сторил тоа“.

Ова за Дојче веле го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, откако телевизиите „Телма“ и „Аласат-М“ вчера ја објавија снимката која сведочи за внатрешното движење во парламентот неколку минути пред во него да влезат демонстрантите и првите минути потоа. Како што објавија телевизиите, на снимката се забележува дека двајца пратеници, идентификувани како Крсто Мукоски и Сашо Василевски, ги отстрануваат металните држачи кои ги блокираат вратите, по што демонстрантите масовно влегуваат во Собранието. Пратеникот Василевски одби да го објасни неговиот придонес во настаните од 27-ми април.

Иако од МВР тврдат дека снимките ги доставиле Јавното обвинителство, ниту еден од споменатите досега не е повикан од оваа институција. Од ЈО вчера не беа достапни за објаснување на тој факт.

Според сите активности евидентирани на снимките, видливо е дека влезот на демонстрантите не е резултат на насилен упад, туку на внатрешна организација и координација на тој чин, во кои учествувале и идентификувани припадници на УБК, вработени во обезбедувањето на Собранието и пратеници. Покрај Мукоски и Василевски, снимката открива дека во критичниот период пред вратите биле „активни“ и други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ – Љубен Арнаудов, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска, како и Љупчо Димовски од Социјалистичка партија на Македонија.

Љупчо Димовски децидно тврди дека немало никаква организација за отворање на вратите на парламентот.

„Доколку имало, јас сигурно би знаел. Немаше такво нешто. Не сум ја видел снимката, но се сеќавам дека во еден момент излегов во ходникот и кратко застанав, бидејќи вниманието ми го привлече џагорот на луѓето кои тропаа по вратите и сакаа да влезат. Нема никаква енигма во моето движење таму. Имам право да се движам непречено низ парламентот и низ истиот тој ходник поминувам секој ден“, вели Димовски.

Се сеќава дека таа вечер во ходникот видел лица од собраниското обезбедување кои ги познава бидејќи ги гледа секој ден, но и некои други, за него непознати.

„Претпоставував дека се луѓе од службите кои си ја вршат својата работа, со оглед дека надвор имаше протест и луѓето тропаа по вратите, сакајќи да влезат. Денес сите прашуваат за тоа, а никој не прашува за она што претходно се се случи во парламентот, кога се прекрши Уставот и се воведе тиранија. Бидејќи пратениците од СДСМ веднаш излегоа од салата, мислевме дека си заминаа. Воопшто не знаевме дека се упатиле во прес-центарот. Ние останавме во пленарната сала. И никој не прашува како на чуден начин за кратко време на сите ни се истрошија батериите на телефоните. Додека јавноста на ТВ гледала снимки во живо, ние и не знаевме што случува во прес-центарот, бидејќи беше ограничена интернет конекцијата. Истата вечер подоцна, кога ги видов пратениците, им изразив загриженост и негодување за насилството што им се случило“, вели Димовски.

 

Токму фактот дека секој агол во парламентот се снима со камера, им бил познат и на организаторите, кои сакале да го елиминираат сведоштвото за организацијата на „упадот на нородот“. МВР откри дека неколку лица ги одземале од  парламентот записите со снимки, без да знаат дека тие се зачувани во резервен систем. Врз основа на тие зачувани снимки ќе се документираат фактите и истрагата за настаните од 27-ми април.

Денеска во Основниот суд Скопје 1 треба да има судење на деветмина обвинети за учество за учество во толпа во насилството во Собранието, а се очекува ЈО да соопшти дали води истрага за инволвираноста и на одредени пратеници. Според Уставот, пратеникот ужива имунитет и не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење на најмалку пет години.

Извор: dw.com/mk