HomeДЕНЕШНАПолитикаПратениците ќе чекаат последен момент да го распуштат Собранието

Пратениците ќе чекаат последен момент да го распуштат Собранието

Пратениците најверојатно ќе чекаат последен момент и според законските можности наместо на 60 Собранието ќе го распуштат на 45 дена од распишувањето на парламентарните избори со оглед на тоа што прелдожениот буџет за 2017-та се уште е во собраниска процедура.

Распуштањето на Собранието најверојатно го чека и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, кој в петок, на 14 октомври, ќе ја посети Република Македонија, извести Мета.

Според најавите, тој во Скопје ќе се сретне со лидерите на најголемите политички партии, со специјалната обвинителка, Катица Јанева, и со граѓанскиот сектор.

Информацијата за посетата на Хан доаѓа по одлуката на владејачкото мнозинство во парламентот да не ги поддржи барањата на специјалната јавна обвинителка за измени на Законот за СЈО, односно продолжување на рокот за истраги, како и за измена на Законот за заштита на сведоци.

Еврокомесарот, кој посредуваше во носењето на Договорот од Пржино, за време на посетата се очекува да разговара и за опструкциите што му се вршат на СЈО, подготовките за изборите и за распуштањето на Собранието.

За да се распушти Собранието, исто така, треба некој пратеник или пратеничка група да поднесе иницијатива за распуштање за да може претседателот на законодавниот дом да ја стави на дневен ред.

И пратеникот Павле Трајанов, кој минатата недела поднесе два закони во редовна собраниска процедура, вели дека Собранието може да се распушти најдоцна до 27 октомври.

– Околу временскиот теснец, можам да кажам дека во Собранието сè повеќе се зборува дека распуштањето нема да се случи на 12 октомври, туку тоа би се случило некаде најдоцна до 27 октомври. Причината за ова е поднесениот предлог-буџет за 2017 година, кој доколку Собранието се распушти на 12 октомври, нема да може да ја помине собраниската процедура – вели Трајанов.

В четврток на пленарната собраниска седница се закажани повеќе точки на дневен ред, меѓу кои и предлогот за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница поради мигрантската криза. Ако предлогот биде усвоен, наместо до 31 декември оваа година, кризната состојба ќе трае до 30 јуни 2017 година.

На седницата ќе се расправа и за предлог-закон за изменување на Законот за внатрешни работи, по скратена постапка, за предлогот за избор на член на Судскиот совет на Република Македонија итн.

Според тоа што партиите го зацртаа во Договорот од Пржино, пак, Собранието треба да се распушти од 45 до 60 дена пред одржување на изборите.

Засега, се очекува изборите да се одржат на 11 декември оваа година.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com