Thursday, Apr 25, 2024
HomeГОВОРНИЦАИнтервјуИнтервју со една од најубавите стјуардеси на Qatar Airways: Како да се оствари сонот за „живот во облаците“

Интервју со една од најубавите стјуардеси на Qatar Airways: Како да се оствари сонот за „живот во облаците“

Професијата на стјуардеса е сон на многу девојки и во последно време е се поизразена меѓу младите. Стјуардесата мора да биде стрплива, толерантна, спремна да помогне во секој случај, и пред се да остане прибрана и во кризни моменти. Кои се другите особини што треба да ги поседувате за оваа професија и колку е тешко да се совлада обуката за стјуардеса ќе дознаеме од нашата соговорничка, Ивона Стоименовска од Делчево, стјуардеса во Qatar Airways, млада девојка која го живее својот сон.

Позитив: Од каде дојде идејата да се пријавите за работа како стјуардеса, дали тоа можеби беше некоја скриена желба од детството?

Ивона: За работата како стјуардеса дознав сосема случајно, во некој од нашите дневни весници. На почетокот бев малку скептична бидејќи станува збор за огромна конкуренција и кастинг на кој присуствуваат повеќе од 200 кандидати. Меѓутоа оваа професија за мене отсекогаш претставувала синоним за гламур и работа од соништата па затоа решив да аплицирам.

Позитив: Каква земја е Катар, дали ви беше тешко да се прилагодите во неа?

Ивона: Катар е земја во арапскиот свет кој бара прилагодување и вклопување во новата култура која е сосема различна од нашата. На почетокот ми беше тешко да се справам со разликите кое ги носи ова специфично муслиманско општество. Освен културолошките и религиозните разлики, високите температури и влажноста на воздухот претставуваа огромен проблем во процесот на мојата адаптација. Овде во лето температурите достигнуваат и над 50 степени целзиусови.

Позитив: Кои се условите за да може да се пријавите и кои особини треба да ги имате за да бидете дел од „Cabin Crew“?

Ивона: За да бидете дел од „Cabin Crew“ тимот, потребно е да имате минимум 21 година, да можат да се дофатат 212 cm опсег во висина без потпетици, и одлично познавање на англискиот јазик. Освен овие квалификации се очекува да бидете професионални и комуникативни, толерантни, спремни да помогнете и одговорите во секој момент, да бидете прибрани во кризни ситуации и способни бргу да реагирате.

Позитив: Дали убавината е предуслов за оваа професија?

Ивона: Главна улога и обврска на стјуардесите се безбедноста и комфорот на патниците. Многупати луѓето имаат погрешна перцепција за оваа професија и сметаат дека ние сме тука само за сервис, меѓутоа стјуардесите се тие кои се обучувани во итни ситуации да извршат евакуација на патниците за 90 секунди и да се справат со секој вид на вонредна ситуација. Иако за репутацијата на авиокомпанијата придонесува и самиот екипаж, сепак убавината не е пресудна. Се бара да бидете уредни и професионални и да имате одлични комуникациски способности, но главниот фокус е на тоа колку сте флексибилни, способни бргу да реагирате, да бидете прибрани.

Позитив: Дали се имаш соочено со некои опасни моменти за време на лет?

Ивона: Иако денес воздушниот сообраќај се смета за еден од најсигурните сообраќајни средства, сепак безбедноста е најголемиот приоритет. Досега не се имам соочено со некои екстремни ситуации како на пример, губење на атмосферски притисок во кабината, принудно слетување или некои посериозни технички проблеми. За нашата професија турбуленциите се составен дел од секојдневието, но честопати предизвикуваат страв и напад на паника кај патниците. Во голем број случаи, се имам справувано со давање прва помош при колабирање ( кое е едно од најчестите случаи, особено на долгите летови), напад на епилепсија, астма, и третирање на изгореници предизвикани од топлите напитоци кои исто така се чести инциденти за време на летовите.

Позитив: Дали можеш да издвоиш некоја интересна ситуација со патниците за време на летот?

Ивона: Се сеќавам на еден лет Доха-Дубаи кога за време на бординг во кабината се појави господин кој на својата рака имаше ракавица и држеше сокол. Причината зошто некои авиокомпании им дозволуваат на своите клиенти да ги понесат со себе овие птици лежи во тоа што соколот претставува национална птица на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Оман и Саудиска Арабија. Воедно со милениуми соколот се користи за ловење плен во пустината и претставува симбол за храброст, сила и благодет. Интересен е фактот што сопствениците за своите „миленичиња“ мора да резервираат уште едно седиште. До тогаш не знаев за ова уникатно и екстремно скапо хоби кое го имаат луѓето во Средниот исток и за мене претставуваше доста интересно и не обично доживување.

Позитив: Како изгледа еден ваш работен ден?

Ивона: Секој лет претставува нов предизвик и ново искуство. Постојано летаме со нов тим на луѓе. Најпрвин пред секој лет се одржува краток брифинг со екипажот во кој се дискутираат битни информации во врска со летот и секој добива позиција и задолженија. Потоа се оди во авионот каде се врши проверка на опремата и се подготвуваме за бординг и авантурата започнува.

Позитив: Многумина ја замислуваат оваа професија како идеална за патувања и посета на егзотични дестинации, дали навистина е така?

Ивона: Во зависност од должината на летот имаме можност и да престојуваме во одредени дестинации од 24-75 часа, при што имаме доволно време да го запознаеме и „истражиме“ новото место.

Позитив: Кои се предностите а кои мааните на оваа професија?

Ивона: Интересно е што оваа професија е се, само не монотона. Имате доста динамичен живот. Во една недела можете да се најдете на три различни континенти, да запознаете луѓе од сите страни на светот, да ги посетите сите егзотични дестинации за кои отсекогаш сте сонувале, да пробате најразлични светски специјалитети, да одите на „shopping“ во најпознатите трговски центри и пред се прилика за добра заработувачка и одлична егзистенција. Меѓутоа како и секоја професија така и оваа, има свои негативности. Оваа работа е доста физички напорна, се соочуваме со константна промена на временските зони (постојат денови кога ноќта ти се заменува со ден а денот со ноќ), па така драстична промена на клима и температури и хроничната ненаспаност претставуваат шок за организмот и потребно е да се води голема сметка за здравјето и биоритамот.

Позитив: Кои се вашите планови за во иднина?

Ивона: Како стјуардеса работам повеќе од 2 години, инаку по професија сум дипломиран толкувач по германски јазик. Иако оваа работа е едно прекрасно искуство и ми отвори можност да го запознаам светот, сепак во иднина посакувам мојата кариера да ја градам и усовршувам во насока на мојата професија.

Позитив: За крај, што би им препорачала на оние кои сакаат да се занимаваат со оваа професија?

Ивона: Сите оние кои се авантуристи по природа, сонуваат за „животот во облаците“, ги привлекува авијацијата и сакаат да патуваат, ова е идеална професија и нема да погрешат ако аплицираат. Оваа професија ќе ви отвори нови врати и можности и ќе ви ја промени целосната перспектива кон животот и светот.

 

Пишува: Наташа Заовска