Thursday, Apr 25, 2024
HomeАНТИСТРЕСЖуркиПотврдено: С.А.Р.С и Кирил Џајковски ќе настапат на „Д“ фестивал

Потврдено: С.А.Р.С и Кирил Џајковски ќе настапат на „Д“ фестивал

„Д“ Фестивал добива нови хедлајнерски засилувања за новото тридневно фестивалско лето кое ќе се одржува од 14 до 16 јули во Дојран. Откако беа објавени дел од светските музички имиња кои ќе ја предводат програмата на годинашното издание, листата на хедлајнери е збогатена и со дел од најзначајните балкански музички имиња и тоа, гордоста на македонската музичка сцена и еден од најпрепознатливите балкански електро уметници во светот Кирил Џајковски и еден од најуспешните регионални артисти, групата С.А.Р.С. од Србија. Покрај овие артисти, расте и бројот на младите имиња од домашната музичка сцена за кои „Д“ Фестивал на секое свое издание одвојува значаен дел од програмата во која годинава се приклучуваат и бендовите Каин, Спектрум, Локал Блу и Дивизија.

Кирил Џајковски, македонскиот композитор и продуцент со исклучително успешна кариера е несомнено еден од најреспектираните и докажани балкански уметници на електронската сцена. Тој е еден од првите електронски артисти кој го вклопува балканскиот етно звук и елементите од македонската традиционална музика во модерната електронска продукција, но е исто така и познат како извонреден автор на филмска и театарска музика. „Апсолутно величествен“, „Фантастична стереофонична продукција“, „Извонреден пример на оригинален талент“ се само дел од написите на светската критика, во која творештвото на Џајковски се опишува и со цитатот: „Егзотичен и брилијантен, Џајковски создава нешта кои во музиката важат за невозможни. Џајковски, без никаков сомнеж, е музички гениј и вистински алхемичар на звукот.

С.А.Р.С. пред повеќе од десет години за прв пат се појавија на сцената и речиси веднаш со својот мегахит „Буџав лебац“ станаа миленици на публиката во целиот регион. Нивните концерти одамна ги надминаа границите на регионот, па покрај речиси секогаш распродадените настапи низ Балканот, С.А.Р.С. зад себе имаат турнеи и низ Шведска, Франција, Белгија, Германија, Чешка, Австрија, Швајцарија, Италија, а минатата година тие прославија 10 години постоење и со турнејата во Австралија. Засилување Каин за неколку месеци го објавуваат својот прв студиски албум, насловен „Под ова сонце ладно е“, па на „Д“ Фестивал публиката ќе го чуе ова музичко остварување и во живо. Албумот е стилски плурализам, односно содржи елементи на инди, етно, прогресив, рокенрол, зачинето со еден препознатлив каиновски шмек.

Спектрум е прогресив-метал бенд од Скопје со иновативни влијанија и од други поджанрови. Формиран е во октомври 2015 со идеја да се создаде нешто креативно за музичката сцена.

„Д Локал Блу“ е инструментален рок бенд од Скопје, кој е оформен во 2016 година. Во овој бенд членуваат тројца млади музичари инспирирани од хард рок бендовите како „Клатч“, блуз легендите Али Фарка Туре и Џими Хендрикс, рап-метал пионерите „Рејџ Агеинст Д Машин“ и многу други андерграунд стонер и психоделик рок артисти.

Ова лето ја засилуваат програмата на младата македонска сцена на „Д“ Фестивал. „Дивизија“ е хип-хоп колектив од Струмица, чија музика датира од 2003 година со бројни демо снимки, соработки и албум во 2005 година на тогашната „Трета Дивизија“, насловен „Моќна постава“.

Ран корморан акција „Д“ Фестивал годинава ќе се одржува од 14 до 16 јули во Дојран, а во моментов актуелна е продажбата на најповолните Ран корморан билети преку продажната мрежа на МкТикетс, а за полесно и побрзо купување, од оваа година билетите може да се набават и преку мобилната апликација на karti.com.mk.

Во оваа фаза од претпродажбата достапни се „ол-инклузив“ билетите за Фестивалот кои за 600 денари на посетителите им овозможуваат пристап до сите фестивалски стејџови и бесплатен камп за трите дена на „Д“ Фестивал 2017.