Tuesday, May 30, 2017
HomeДЕНЕШНАРепубликаПотребни се волонтери за детската терапија „Слобода во вода“

Потребни се волонтери за детската терапија „Слобода во вода“

Нема подобар спорт за одржување на кондиција,  психофизички развој  и водење на здрав живот од пливање, а многумина експерти имаат потврдено дека токму овој начин на вежбање е најкорисен за здравјето. За таа цел скоро повеќе од 4 години во базенот кој што е во склоп на С.Ц. Борис Трајковски- Скопје трае проектот за терапевтско пливање „Слобода во вода“. Овој вид на пливање кој што се однесува на лицата (децата) со посебни потреби е плод на заедничката соработка на на С.Ц. Борис Трајковски и Здружението „Дајте ни крилја. Водата како средина пред се ги релаксира мускулните групи, а преку комплекс на вежби ги зајакнува оние мускули кои децата на суво и во секојдневието не можат да ги активираат заради нивната попреченост, ја подобрува социјализацијата на децата ,ги опушта спазмите и го подобрува психомоторниот развој кај децата со нетипичен развој. Програмата „Терапевтско пливање“ се извршува преку проект координаторот Катарина Ивановиќ – тренер инструктор по терапевтско пливање по методата Halliwick и уште 30 тренери, волонтери.

Поради важноста за реализација на овој проект и програма е неопходно да има континуитет и да се одржува во текот на целата година, а најважно е пред се да се пријават нови волонтери кои би им помогнале на дечињата да имаат посреќен и полесен живот.

С.Ц. Борис Трајковски постојано се обидува да ги следи заложбите на владата на Република Македонија за помош на ранливите категории граѓани со цел тие да не се почувствуваат запоставено, а притоа да ја имаат целата помош која што им е потребна. Постојано се трудиме дечињата со пречки во развојот да имаат еднаков третман какосите нивни врсници, а токму терапевтските вежби помагаат тие да се чувствуваат среќно и исполнето. Терапевтското пливање е наменето за децата и возрасните со Даунов синдром,Аутизам, Хиперактивност, Церебрална парализа, Забавен психомоторен развој, Мускулна дистрофија, а бенифициите кои што ги чувствуваат овие луѓе се одлични.Сите инструктори волонтери изминатите 4 години даваат се од себе за да помогнат и поради тоа би сакал да им се заблагодарам на сите нив. Мотивирани сме и во иднина да им помагаме на сите ранливи категории на граѓани во нашата држава и ги поканувам сите родители и нивните дечиња со пречки во развојот да дојдатво Базен Борис Трајковски и да ги почувствуваат благодатите од терапевтското пливање, изјави Директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Златко Перински.

Секое дете има по два термина неделно (понеделник – среда или вторник – четврток) и има право да доаѓа два месеци, со цел да можат да отпочнат со работа и останатите лица кои се веќе на листа на чекање, како и што наколкупати се истакна на прес-конференцијата се потребни нови волонтери. Некои од дечињата двомесечниот циклус го поминуваат и повеќе пати.

Здружението на граѓани „Дајте ни крилја“ е непрофитабилно здружение кое на разни начини се обидува да им помогне на лицата со нетипичен развој без разлика за како проблем, состојба, ретка болест или хендикеп. Изминатите скоро 5 години во базенот во склоп на С.Ц. Борис Трајковски доаѓаа околу 300 деца, но и возрасни. За сето ова време интересот растеше, а најважно е тоа што во терминот од 16 часот до 17 часот лицата со нетипичен развој имаат можност да добијат без никаков надоместок еден час вежби, рекреација, социјализација за подобрување на нивната состојба. Бенефитите се индивидуални и се навистина многу, а имаше и деца кои не чекореа, а терапевското пливање и тоа како им помогна да застанат на нозе па дури и да чекорат. На почетокот започнавме со само неколку тренери, достигнавме бројка од 30 тренери – инструктори, а во моментов нивната бројќа е многу мала. Многу луѓе  дадоа свој придонес, а во име на лицата со нетипичен развој би сакала да се заблагодарам на С.Ц. Борис Трајковски поради условите кои што ги нуди како и бесплатниот термин за сите нив,  изјави претседателот на здружението, Ребека Јанковска Ристески.

Сите говорници на денешната прес конференција го напоменаа фактот дека од огромно значење е што поголем број на пријави на лица – волонтери чија експертиза (завршен факултет за физичка култура, инструктори по пливање, социолози или дефектолози) и те како е добредојдена за сите дечиња кои се на листата на чекање. Интересот за присуство на терапевтското пливање е огромен. Сите заинтересирани може да добијат информации за пријавување преку официјалната веб страница на Здружението Дајте Ни Крилја: http://www.dajtenikrilja.mk.