Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПотребен е компромис од двете страни, смета Коѕиас

Потребен е компромис од двете страни, смета Коѕиас

Спорот за името мора да се реши со компромис прифатлив и за двете страни и што ќе го издржи тестот на времето, изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.

– Она што ни е потребно е ПЈРМ да покаже култура на консензус и компромис, што значи дека ниту ние, ниту тие ќе добијат се – вели Коѕиас.

Тој во интервјуто не открива детали за што конкретно во моментов се разговара, но го оцени како позитивно тоа што во моментов ниту Нимиц, ниту властите во Скопје имаат ставено свој предлог на маса.

Во однос на заканите на лидерот на Независни Грци, Панос Каменис дека нема да прифати име во кое ќе се содржи зборот Македонија, Коѕиас вели дека секој има право на сопствено мислење. Сепак тој истакнува дека во грчкиот парламент е потребно и постои мнозинство пратеници за евентуалниот договор за името.

– Ние сме Влада која е тука за да решава прашања. Ако начинот на кој ги решаваме е во согласност со долгорочните интереси на земјата, интересите на регионот и е во европски дух, ние тоа треба да го направиме, вели Коѕиас.

Првиот човек на грчката дипломатија повторно изрази надеж дека спорот ќе биде решен следната година и рече дека не гледа причина за одлагање на решението.

– Одговорност на Владата е да најде прозорец на можности за решавање на овој проблем бидејќи земјата не смее да биде заложник на минатото. Оние кои не критикуваат или не гледаат со сомневање бидејќи сакаме да го решиме проблемот мора да сфатат дека ќе беше многу подобро за земјата ако тоа беше постигнато во 1992 година – вели Коѕиас, притоа повторувајќи дека не е можен влез на земјава во НАТО под привремената референца ПЈРМ.