Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПоповски: Создаваме услови за целосна независност и професионализација на МРТВ

Поповски: Создаваме услови за целосна независност и професионализација на МРТВ

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски денеска се сретна со Харлем Дезир, претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ, придружуван од делегација на ОБСЕ, пренесуваа МЕТА.

Дезир ја поздравил отвореноста на Владата за носење на новиот закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги низ широка отворена експертска дебата со почитување на мислењата и препораките на ОБСЕ и на ЕК во делот на слободата на медиумите, се вели во соопштението од владината прес-служба.

– Медиумите и новинарите имаат силна поддршка од новата Влада, којашто е цврсто определена кон слободата на изразување, професионално и објективно работење на медиумите и новинарите, без никакво политичко влијание или притисоци, или насилство од какови било вид, како што беше тоа случај во претходните години. Посветени сме кон создавање услови за целосна независност и професионализација на јавниот сервис, МРТВ, како и целосна независност и ослободување од какви било можности за влијанија врз АВМУ – изјавил Поповски.

Поповски рекол дека за сите случаи за напади врз новинари се води соодветна истрага и дека заложба на МВР и на Владата е тие да се расчистат до крај, иако ЗНМ вчера презентираше податоци од МВР според кои само 10 од 52 случаи на напади кон новинари се целосно истражени од кои пет се предадени во Основно јавно обвинителство, а пет во суд каде биле констатирани полесни прекршоци.

На средбата се разговарало и за новиот предлог-закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги. Поповски соопшти дека законот е направен по повеќе дебати со медиумската заедница и експертската јавност во земјава и дека е поставен на веб-страницата на Владата.

– Ќе имаме уште еден состанок со претставниците од медиумската заедница дотогаш, за да ги слушнеме уште еднаш забелешките, доколку има нови, а сериозно ги разгледуваме и насоките на ОБСЕ, коишто се исто така транспарентно поставени на веб-страницата на Владата. По тоа, ќе излеземе со финален предлог текст до Владата за новиот закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги – додаде Поповски.