Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПопоски демантира дека на Кукан му посочил формирање Влада без Иванов

Попоски демантира дека на Кукан му посочил формирање Влада без Иванов

“Во однос на натписот дека е возможно „да се формира Влада без мандат од Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов” би сакал да укажам дека се работи за погрешен заклучок, што е надвор од уставната рамка”, реагира министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Попоски вели дека европратеникот Едвард Кукан го информирал за можните чекори за излез од тековната политичка криза од два аспекти: формален и суштински.

„Во формалниот дел се повикав нa обраќањето на ПРМ Иванов во однос на оваа тема, кој истакна дека мандатот може да се побара по институционален пат, преку Собранието на Република Македонија во кое мнозинство може да избере Претседател на законодавниот дом, со што би се утврдило мнозинството во Парламентот, кое потоа, преку Претседателот на СРМ може да побара мандат за формирање на Влада од Претседателот на државата.

Во однос на вториот аспект, го информирав Кукан дека Претседателот Иванов посочи на суштински проблем околу содржината на тоа што би ја дефинирало агендата на новата Влада која беше најавена од лидерот на СДСМ“, се вели во реакцијата на Попоски испратена преку тимот за односи со јавност на министерството.

НОВА ја пренесе изјавата на европратеникот Едвард Кукан, кој беше еден од преговарачите во Договорот од Пржино, кој во интервју за емисијата „Европски патокази“ изјавил дека Министерот за надворешни работи, Никола Попоски му кажал дека е во рамките на Уставот, пратениците да се соберат и да формираат влада, дури и ако претседателот Ѓорге Иванов не го даде мандатот.