Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПолитичарите „обожаваат“ да тужат за навреди и клевети – еве колку тужби поднеле за три години

Политичарите „обожаваат“ да тужат за навреди и клевети – еве колку тужби поднеле за три години

За три години, во периодот од 2013 до 2015 година, политичари и државни функционери се вклучени во 43 случаи за клевета и навреда. Ова го покажува извештајот кој го изготви НВО-инфоцентарот во соработка со Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), за судските случаи за навреда и клевета за кои е надлежен Основниот суд Скопје 2. Извештајот се однесува на тригодишниот период од декриминализацијата на навредата и клеветата и од стапувањето во сила на новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

„Според податоците добиени од Основниот суд Скопје 2, видливо е дека политичарите и функционерите сакаат да тужат за навреда и клевета и притоа тужат други лица, но се тужат и меѓусебно. Во периодот од три години, политичарите се јавуваат како странки во дури 43 судски случаи за навреда и клевета. Во 25 случаи политичарите се јавуваат како тужители, а во една петтина од судските случаи – 9 политичарите се тужат меѓусебно“, се вели во анализата. Според Основниот суд Скопје 2, во текот на 2015 година, во сите девет нови случаи за навреда и клевета во кои како странки се јавуваат политичари – тие се тужат меѓусебно. До моментот на затворање на овој извештај се завршени 27 случаи. За 16 предмети има правосилна пресуда, а за 11 се води жалбена постапка.

sudОд анализата на пресудите на овие предмети, а воедно и од директниот мониторинг на дел од случаите во кои како странки се јавуваат политичари може да се заклучи дека судиите во постапките во кои се вклучени високи државни функционери постапуваат различно во споредба со случаите во кои се вклучени понискиот ешалон политичари, новинари или пак, обични граѓани.

Случаите во кои како тужители се јавуваат високи државни функционери се одвиваат експресно во само неколку рочишта и во нивна корист. Судиите не се придржуваат во целост на членот 6 од Европската конвенција, кој предвидува право на правична судска постапка и овозможуваат побрзо одвивање на постапките. Најилустративен пример за итното постапување на судиите се случаите во кои како тужител се јавува поранешниот премиер Никола Груевски.

Во случаите во кои се вклучени високи државни функционери, исто така, видливо е дека примената на Европската конвенција и праксата од Стразбур, кои меѓу другото предвидуваат носителите на јавни функции да имаат поголем праг на толеранција во однос на критиките, е недоследна и во насока на целосна заштита на честа и угледот на функционерите, а на штета на слободата на изразување. Едновремено, во овие судски постапки Судот не го препознава или само делумно го препознава јавниот интерес, како и праксата на Судот во Стразбур која укажува на тоа дека кога станува збор за значајни општествени теми и кога намерата е да се поттикне јавна дебата за прашања од витален општествен интерес, се толерира претерување, па дури и провокација. Покрај судските постапки на Премиерот, пример за ваквото постапување на судиите се и случаите на Гордана Јанкуловска против Петар Шилегов, како и на Сашо Мијалков против Фокус.

mijalkov-grujoПри постапувањето во случаите кога се вклучени високи државни функционери, судиите недоследно го применуваат и трипартитниот тест на кој инсистира Судот во Стразбур, особено во делот на пропорционалноста на мерката со која се ограничува слободата на изразување, односно висината на определениот надоместок, со легитимната цел која се настојува да се постигне (заштита на честа и угледот на тужителот)“, се наведува во Извештајот на НВО Центарот.

Извештај бил подготвен во рамките на проектот „Застапување за слобода на изразување“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.