Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПоднесено обвинение за физичкиот напад врз Тодор Петров

Поднесено обвинение за физичкиот напад врз Тодор Петров

По спроведената истражна постапка и комплетирање на доказниот материјал, Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје денес, поднесе Обвинителен предлог против Б.Е., Б.А. и Е.А. за сторено кривично дело – Насилство од чл. 386 ст. 3 вв ст.1 од Кривичниот законик, информираат денес од Обвинителството.

-„Кривично правниот настан се случил во ресторан во близина на Скопскиот саем, на 27 февруари годинава, околу 12:30 часот. Оштетениот Т.П. кој бил гостин во ресторанот во придружба со уште едно лице, бил физички нападнат од обвинетиот Б.Е. и едно НН лице кои со тупаници го удирале во пределот на главата. Сакајќи да се заштити, оштетениот се повлекувал наназад и влегол во блиското сепаре и сместувајќи се во агол со рацете ја покривал главата. На нападот се приклучиле и обвинетите Е.А. и Б.А. со уште едно НН лице и продолжиле да го удираат оштетениот со тупаници и клоци во пределот на главата и телото. Обвинетиот Б.А. го фатил оштетениот за врат и го турнал, при тоа заканувајќи му се.

Оштетениот од ударите се здобил со потрес на мозок, контузии на коски на лицето, како и површински повреди во пределот на лицето.

Во исто време кај оштетениот, како и кај други лица кои во моментот се наоѓале во ресторанот, било предизвикано чувство на страв, загрозеност и несигурност“, се вели во соопштението.