Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПочнуваат саемите на книга, образование и туризам

Почнуваат саемите на книга, образование и туризам

Повеќе од 70 издавачки куќи ќе бидат дел од 28 Саем на книгата кој ќе се одржи во Метрополис арена од 12-ти до 18-ти април. Саемот официјално ќе биде зотворен во 19 часот во понеделник за сите заинтересирани читатели.

Од 14-ти до 16 април во третата хала на Скопски саем ќе се одржуваат 19. Денови на образование и кариера, а во истиот период во втората хала – шестиот Меѓународен саем за туризам „Скопје травел маркет“. Двете саемски манифестации официјално ќе бидат отворени на 14 април во 11 часот.

Се очекуваат околку 40.000 посетители на Саемот за книга кој е втор по ред по посетеност по Саемот за мебел. Ќе биде понудена литература од домашни и од странски автори, белетристика, научни изданија, книги за деца, учебници. Издавачите ќе организираат и промоции и средби со автори на своите штандови, но и во Промотивниот центар во Метрополис арена во кој за седумте саемски дена се планирани над 30 промоции.

Покрај домашни, ќе има и издавачи од Србија и Албанија, а Амбасадата на Шведска ќе организира презентација на литература за деца. Дополнителен настан што ќе го организира Скопски саем е предавањето на хрватскиот писател, социолог и мотивациски говорник Бруно Шимлеша, кој е меѓу десет најчитани хрватски автори на книги од областа на популарната психологија.

Во рамки на Деновите на образование и кариера, пак, високообразовните институции ќе ги претстават можностите за студирање во Македонија и во странство.На Саемот на туризам „Скопје травел маркет 2016“ се најавени  60 учесници. Ќе бидат претставени туристички дестинации, агенции, туроператори, хотели од општините во Македонија и од регионот, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, компании за производство на хотелска опрема и за софтверска поддршка на туризмот.

Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 30 денари, односно 20 денари за групни посети.