Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПочна подготовката на Законот за заштита на сведоци што го бараше СЈО

Почна подготовката на Законот за заштита на сведоци што го бараше СЈО

Министерството за правда вчера ја почнало постапката за подготовка на измените на Законот за заштита на сведоци, со кои ќе му се даде надлежност на Специјалното јавно обвинителство да учестува во постапката за заштита на сведоци, односно да бара и да предлага заштита на одредени сведоци кога тоа е неопходно за истрагата, јавува Мета.

Ова, како што може да се види од информациијата за почеток на постапката, е и главната цел поради кои се менува Законот, бидејќи СЈО не фигурира во аткуелното законско решение. Советот за заштита на сведоци сега брои пет членови, односно судија од Врховниот суд, претставник од Јавното обвинителство од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкциите, претставник од МВР и раководителот на одделението во МВР.

„Целта за пристапување кон измени и дополнувања на законот е обезбедување услови за спроведување на Законот за Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и обезбедување на целосна имплементација на начелото на автономија, односно обезбедување услови за целосна автономија во истражувањето и во гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, стои во информацијата на Министерството за правда.

Оттаму додаваат дека со оваа законска измена ќе се изврши усогласување на домашното законодавство со европските и со меѓународните стандарди.

Инаку, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, уште во јануари минатата година побара измени во Законот за заштита на сведоци, кои по 10 месеци, односно во октовмри, на предлог на тогашната опозиција, се најдоа во Собранието, но не беа поддржани од тогашното парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на крајот на август годинава, на прес-конференција за спроведените реформи од првиот дел на планот „3-6-9“, брифираше дека се доцни со дел од мерките, посочувајќи дека Министерството за внатрешни работи „сè уште не почнало со подготовката на новиот предлог-закон за заштита на сведоци и сè уште нема точно поделени ингеренции со Министерството за правда“.

Наредниот ден од МВР преку соопштение информираа дека Министерството ги исполнува обврските од планот „3-6-9“ и дека текстот на предлог-законот за заштита на сведоци е подготвен.

Како што може да се види на владината интернет-страница „Енер“, временската рамка за подготвување на предлог-законот е од 28 септември до 31 октомври 2017 година.