Thursday, Mar 30, 2017
HomeДЕНЕШНАРегионПочина поранешниот командант на војската на Република Српска Краина, Миле Мркшиќ

Почина поранешниот командант на војската на Република Српска Краина, Миле Мркшиќ

Почина поранешниот командант на војската на Република Српска Краина генерал-мајор Миле Мркшиќ. РТС јави дека тој починал вчера во затворот во Португалија, каде издржувал казна затвор за злосторства извршени на Вуковар.

Мркшиќ во 2007 година е осуден на 20 години затвор од Хашкиот трибунал за помагање и поттикнување тортура, сурово постапување и убиство на 194 хрватски заробеници на фармата Овчара на 20 ноември 1991 година. Хашкиот трибунал во 1995 година покрена обвинение против Миле Мркшиќ, заедно со Мирослав Радиќ, Веселин Шљиванчанин и Славко Докмановиќ, за одговорост за масовно убиство на над 260 лица на Овчара, во близина на Вуковар.

Мркшиќ во 2002 година доброволно се предаде на Хашкиот трибунал. Судскиот процес против него започна во 2005 година и траеше две години.

Белградските медиуми вчера објавија писмо од ќерката на Мркшиќ во кое се наведува дека тој е тешко болен и дека семејството на 31 јули побарало од Хашкот трубунал и надлежните министерства во Србија тој да биде пуштен на привремена слобода за лекување, но дека не добиле одговор.

Миле Мркшиќ е роден 1947 година во Вргинмост, а како офцер на ЈНА учествува во борбата за Вуковар 1991 година. По битката за Вуковар тој е унапреден во генерал-мајор на ЈНА, а подоцна станува и врховен командант на војската на Српска Краина. Тој е пензиониран во август 1995 година.