Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПочина млада родилка во прилепската болница – семејството обвинува за лекарска негрижа

Почина млада родилка во прилепската болница – семејството обвинува за лекарска негрижа

Родилка на 20-годишна возраст починала речиси 12 часа по нормално породување во болницата во Прилеп. Таа починала ноќеска во 1.50 часот, откако на свет донела здраво машко бебе. Од болницата велат дека по пропишан протокол без проблеми било извршено ова второ породување на С.Б. од прилепското село Беровци.

На барање на родилката, освен двајцата дежурни гинеколози од Битола, присуствувал и породувањето го водел гинекологот кој ја водел бременоста. Семејството на починатата обвинува за лекарска негрижа.

„Кога бевме на посета ни рекоа да бидеме тивки, зашто дежурните доктори од Битола се одморале. Значи, таа искрвавила зашто немало никој надлежен да ја види, зашто спијат, одмораат, а не зашто имаше болест девојчето“, изјави Славица Ристеска, стрина на починатата родилка.

Директорот на прилепската болница, Петар Ристески на прес-конференција на која присуствуваа началниците на сите одделенија, истакна дека породувањето на младата жена било извршено во согласност со сите протоколи. По речиси пет и пол часа од породувањето извршено по биолошки пат, при што е родено здраво, живо машко бебе, мајката била во добра здравствена состојба. Околу 16 часот таа од родилната сала била префрлена во акушерскиот оддел и подоцна дури примила посета. Но, во 19.15 часот нејзината здравствена состојба нагло се влошила.

„Преземени се сите неопходни мерки за нејзино згрижување, пациентката е префрлена во одделението за интензивна нега и реанимација. Направена е опсежна реанимација и постапено е по сите стандарди и протоколи. Ангажирани се четворица гинеколози, двајца анестезиолози и еден уролог, но, за жал, во 1.50 минути по полноќ пациентката егзитира“, изјави директорот Петар Ристески.

Од прилепската полиција се уште не соопштуваат никакви детали за случајот бидејќи увидот се уште е во тек. Наредена е обдукција за да се утврдат причините за смртта, а случајот ќе го испитува и комисија од Министерството за здравство.

Родилиштето во болницата во Прилеп во 2010 годинаа беше затворено после неколку случаи на смрт на родилки, а породувањата се вршеа во битолската болница. Во прилепското родилиште дежураат 6 гинеколози од Битола поради недостатокот од специјалисти.