HomeГОВОРНИЦАКолумнаПобедата на Трамп и судбината на СЈО

Победата на Трамп и судбината на СЈО

donald-tramp-hilari-klinton-1

Трамп победи, a славјето се уште не престанува и тоа не во САД туку овде кај нас, каде што и тој самиот уживаше најголема подршка. На почеток морам да признаам дека и мене не ми беше до крај јасна причината поради која некои аналитичари, новинари и политичари толку многу се радуваа на трамповата победа, исто како да е нивна.

Па така поранешниот министер за надворешни работи во целата таа еуфорија во знак на прослава на трамповата победа твитна “Внатрешна Македонска Републиканска Организација”, иако неговиот партиски лидер пред некој месец плаќаше огромни суми на пари на американски лоби групи за средба со Клинтонка.

На дечките очигледно им гори под нозе, па затоа и сакаат да бидат на страната на победникот. И тие сами во тој период процениле дека Хилари ќе го намачка Трамп на лебче, инаку зошто би барале средба со нејзе.

Спасителот на фамилијата

Една новинарка блиска до сегашнава гарнитура, во еден нејзин телевизиски настап го претстави Трамп како спасител. Нешто слично на Груевски кај нас, само овој во глобални рамки. Таа нејзина изјава е доста двосмислена.

Тешко нам ако очекуваме дека Трамп ќе не спасува од било што. Меѓутоа оваа нејзина изјава може да се толкува и поинаку. Трамп како спасител на Груевски и фамилијата. Морам да признаам дека ова второто звучи доста пологично и всушност ја објаснува единствената причина за нивното големо славје. Па така тие се надеваат дека веднаш по влегувањето на Трамп во Овалната соба, првата одлука на неговата администрација ќе биде укинувањето на СЈО, кое де факто беше продукт на администрацијата на Обама.

Ако во западните земји собраниските седници се исклучително досадни и тоа посебно за пошироката јавност, кај нас на Балканот состојбата е значително поинаква. Ако преку ден сакате да гледате, а неможете да најдете добра комедија или реалити шоу, тука само за вас се собраниските седници. Тука можете да видете буквално се, од разни кока кола говори, чукуладни шоуа, меѓусебни навреди, пцовки, па и по некоја тепачка.

Па така кај нашиот северен сосед на една од последните собраниски седници, радикалите на Шешељ буквално го линчуваа британскиот амбасадор Девенпорт поради неговото присуство во српското Собранието. Незаборавен декор на целата таа ситуација беа песните за “Србинот” Трамп од телефонот на Воислав Шешељ. Радикалците како и нашиве очекуваат дека тие ќе се најдат први на листата на приоритети на Трамп. Па така од јануари Србија опет биќе до Токија, а не мања од Нокиа.

Меѓутоа желбите се едно а реалноста е нешто сосем друго. Ако некој очекува дека се што Американците граделе изминативе сто години, ќе остават да овој кловн посипа со пепел, се лаже. На ден пред американските избори напишав на социјалните мрежи дека без разлика кој и да победи, драматични промени во позициите и политиките на САД нема да има. Таму имате поставено систем, имате крупен капитал кој е инфилтриран во сите пори на американското општество и кој преку тој систем управува не само со САД туку и со целиот свет. Тие нема во никој случај да дозволат радикални промени, посебно не во нивната надворешна политика.

Ние можеме само да се залажуваме дека сме центарот на светот и дека некој со нас или со Србија ќе губи многу време. Така да ниту СЈО ќе ја изгуби американската подршка, ниту Косово ќе биде пак српско.

Клучната “четворка”

Американските избори на момент ни го одземаа вниманието, па така полубудни ги проследивме изборните листи кои партиите ги доставија вечерта во петок. “Изненадувањето” од листите е само одлуката на Кољо место во единица, да се трка на гости кај Заев во четворка.

cetvorka-vo-cetvorka

Стереотипите на скопската “елита” кон нас провинцијалците беше клучната причина зошто место Заев, носител во едница е Пендаровски, кој патем отсекогаш уживал голема доверба кај скопјани. Груевски и самиот знае дека во единицата ќе доживее тежок пораз, и затоа наоѓа совршено алиби за бегство од поразот, притоа пуштајќи го низ вода еден од лицата кој беше сериозен кандидат за негов наследник во однапред изгубена битка. Паметен потег, морам да признаам.

Од друга страна во четворката Кољо се надева дека во овој типично земјоделски крај сеуште ќе може со разни субвенции да ги залажува сопствените граѓани, како што патем и претходно правеше. Јас се надевам дека овој измачен земјоделец кој живее во ова подрачје нема да ги заборави толку лесно сите голготи низ кој минуваше изминативе години, дека нема да ги заборави сите проблеми кои ги имаше со продажбата и наплатата на својот труд, и дека на 11 декември конечно ќе му покаже црвен картон нему и на неговите погубни политики.

Имајќи ги во предвид останатите носители во четворката, Кољо овде ќе се соочи со еден голем проблем, сличен на оној во 2011 година. Ако се сеќавате на почетокот на таа кампањата тој неможеше да го лоцира неговиот главен политички опонент врз кого требаше да се насочи целата црна кампања.

Па така пукаа на сите страни. Малку по Бранко, малку по Љубе, малку по Љупчо, за да на крајот на кампањата сфатат дека целата нивна енергија треба биде насочена кон оние кои цицаат од нивното гласачно јадро. На крајот таа промена во стратегија се прикажа тогаш како успешна. Истиот проблем но сега дури и поголем, ќе го има и на овие избори. Повторно ќе биде во рингот сам против сите, меѓутоа овие сите овака окрупнети сега се доста посилни од 2011 година кога беа доста расцепкани, а Кољо после сите афери е доста политички истрошен и послаб во однос на 2011 година.

На крај имајќи го во предвид расположението на гласачите во останатите изборни единици, победникот на овие избори најмногу ќе зависи токму од битка во четворката. Победникот од четворката најверојатно ќе биде новиот мандатар. Затоа памет во глава мои сограѓани. Од овие избори зависи дали ќе го легализираме криминалот или пак правната држава.

Автор: Вуко Мелов
Колумната првично е објавена на порталот doznaj.com.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com