Saturday, Apr 20, 2024
HomeАНТИСТРЕСЖуркиПивофест го сруши рекордот во посетеност

Пивофест го сруши рекордот во посетеност

Тринаесеттото издание на „Пивофест“ беше најспектакуларното досега со околу 400.000 посетители во четирите фестивалски дена.

– Тоа е особена гордост за мене не само како градоначалник, туку овој фестивал станува гордост за Прилеп и за цела Македонија. Овој фестивал станува најатрактивниот туристички бренд на Македонија. Прилеп полека станува центар на овој дел на Балканот за организирање на оној најмодерен вид на туризам засега во светот, а тоа е фестивалскиот туризам, рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Најбитно е, се согласија организаторите што фестивалот беше безбеден за посетителите, а за тоа се погрижија вработените во локалната самоуправа, од МВР, комуналните претпријатија и целиот бизнис сектор.

Локалните власти допрва ќе ги сумираат бројките во испиено пиво и изедена скара, ако и во економскиот бенефит не само за градот, туку и за регионот. Се знае само дека се надминати сите рекорди. За наредната година се најавија и новини во организацијата со учество на повеќе странски музички ѕвезди и голем број на други новитети.

– За наредната година имаме и други планови, сакаме да го направиме малку поевропски фестивалот со повеќе странски музички имиња и ќе ја зголемиме бројноста на организаторите. Ќе најдеме професионалци кои може да организираат манифестации од таков калибар. Ги поканувам и медиумите и сите кои имаат сугестии да ни ги понудат. Планираме за наредната година да имаме соработка со повеќе туристички агенции од странство кои ќе донесат гости на „Пивофест“, изјави Ристески.