Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПетиција на градоначалниците од Источна Македонија за нов датум за локални избори

Петиција на градоначалниците од Источна Македонија за нов датум за локални избори

Градоначалниците на општините од Источна Македонија преку петиција бараат Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) да покрене измена на Изборниот законик за да се поместат локалните избори.

Според градоначалниците, со измените ќе може да се овозможи нормално и законско функционирање на општините. Во спротивно, по 15-ти мај, сите нивните активности престануваат. Тие наведуваат дека без измените, нема да може да се одговара на барањата на граѓаните, да се управува со блок дотациите, преку кои плата земаат илјадници вработени во училиштата и градинките, ниту пак ќе има плата за општинската администрација.

Општините, како што наведуваат во петицијата, веќе имаат штета од овој правно –политички вакуум, бидејќи не можат да продаваат градежно земјиште и останатите тендери.

Иако нема поместување во работењето на Собранието на Република Македонија, каде сè уште се одржува маратонската конститутивната седница, градоначалниците и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ брифираат дека се разговара за итна законска измена на Изборниот законик, со кој ќе се поместат локалните избори. На овој начин ќе им се даде простор на актуелните локални власти да продолжат со работа.

Неделава е формирана работна група составена од претставници на ЗЕЛС и од министерствата за правда и за локална самоуправа, која би требало да даде насоки на кој начин ќе може да се премости овој период. Предлогот за работна група е на техничката влада, што според градоначалниците е добар знак дека има политичка волја да се надмине овој вакуум што им се заканува на општините. Правниците се повикуваат на Уставот и членот 114 кој гарантира услуги и права на граѓаните во локалната власт.