Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПетардите опасни по здравјето, но и по џебот!

Петардите опасни по здравјето, но и по џебот!

Скоро 27.000 парчиња пиротехнички средства биле запленети месецов во неколку полициски акции на Бит-пазар. Кривична пријава заработиле две лица, а четворица, меѓу кои и 14-годишно дете ќе одговараат прекршочно, соопштуваат од МВР. Петардите и ракетите се пронајдени во автомобил, на улица и на диви тезги.

Со доашето на највеселата ноќ, расте и интересот за популарните „пиратки“. И деновиве, како и во минатото, една кутија во која има 100 парчиња се продава за 100 денари, но цената може и да падне ако се договорите со продавачот.

„Пазарите се преплавени со шверцувани пиротехнички средства, кои, главно, се од кинеско производство. Тие најчесто се увезуваат од Бугарија и од Косово“, велат познавачите.

Сепак, предупредуваат тие, пиротехниката што се продава на скопскиот асфалт, во најголем број не е испитана, квалитетот е сомнителен, па поради тоа, не се ретки повредите на рацете, нозете и на очите. Дополнително, законската регулатива, за граѓаните што ќе употребуваат пиротехнички средства се предвидени парични казни од 200 до 500 евра, додека родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра доколку нивните деца пукаат петарди.

Наша препорака е да се држите подалеку од овие пиротехнички средства, пред се` заради здравјето, а потоа и поради здравјето на вашиот домашен буџет.